За енергетската транзиција да биде успешна и праведна, потребно е сложените енергетски и климатски политики да се преточат во конкретни придобивки за секојдневниот живот на граѓаните, а локалните заедници и работниците активно да бидат вклучени во процесите на планирање и донесување одлуки.
Ова беше една од клучните пораки на дискусијата посветена на праведната енергетска транзиција и улогата на локалните економско-социјални совети (ЛЕСС), на која учествуваа претставници на граѓанскиот сектор, општините, работодавачите, синдикатите и институциите.
Настанот беше организиран во соработка помеѓу МКЦ Битола, Еко-свест и Фондацијата Олаф Палме, со цел да се поттикне дијалогот меѓу локалните и националните чинители и да се зајакне соработката во планирањето и спроведувањето на праведната енергетска транзиција на регионално ниво.
Учесниците истакнаа дека енергетската трансформација често се претставува преку сложени технички термини и политички цели кои се тешко разбирливи за пошироката јавност. Затоа, неопходно е овие процеси да се објаснат на разбирлив начин, со јасно посочување како тие ќе влијаат врз квалитетот на живот, работните места, локалниот економски развој и можностите за граѓаните. Енергетската транзиција не значи само воведување обновливи извори на енергија и намалување на емисиите, туку и создавање подобри
услови за живот и одржливи економски можности за заедниците.
„Праведната енергетска транзиција мора да ги поврзе климатските цели со реалните социјални и економски потреби на луѓето. За тоа се потребни транспарентни процеси, пристап до разбирливи информации, посилен
социјален дијалог и континуирана соработка меѓу сите засегнати страни“, рече Елена Николовска од Еко-свест.
Иако одлуките за енергетската трансформација најчесто се носат на национално ниво, нивните последици директно се чувствуваат локално, особено во регионите зависни од јаглен. Институциите и локалните заедници често не се доволно усогласени во своите приоритети, а соработката меѓу нив не е секогаш доволна за да одговори на реалните потреби на населението. Беше нагласено дека не постои универзален модел за праведна транзиција кој може подеднакво да се примени во сите земји од Западен Балкан. Иако искуствата и успешните практики можат да се споделуваат и применуваат, пристапот мора да се приспособи на конкретниот национален, економски и социјален контекст.
Особено внимание беше посветено на положбата на работниците, кои често остануваат изолирани од дискусиите за иднината на енергетскиот сектор и локалната економија. Без навремени информации и можност да влијаат врз одлуките што ги засегаат нивните работни места и егзистенција, работниците
ризикуваат да останат пасивни набљудувачи на процес што директно ја одредува нивната иднина. Затоа, неопходно е работниците, синдикатите, работодавачите, граѓанските организации, општините и институциите да бидат информирани и активно вклучени уште од најраните фази на планирањето.
Беше истакната и потребата од посилно синдикално организирање и користење конкретни податоци за вработеноста, потребите на пазарот на труд и идните можности за економска диверзификација.
За Пелагонискиот регион, особено е важно да се спроведе анализа на пазарот на труд пред да се започне со подготовка на конкретни планови за праведна транзиција. Таквата анализа треба да ги утврди постојните работни места и квалификации, ризиците од губење на работни места, потребите за нови вештини и потенцијалите за отворање нови економски дејности.
Како важен инструмент за зајакнување на локалниот социјален дијалог беа посочени локалните економско-социјални совети (ЛЕСС). Нивната улога треба да се зајакне преку јасно дефинирање на нивниот статус, мандат и поврзаност со процесите на донесување одлуки на централно ниво.