Енергетската криза во ЕУ – да се прегрми зимата, а потоа…

Photo by Zbynek Burival on Unsplash
Автор: Малинка Ристевска – Јорданова

Глобалната енергетската криза сериозно ја погодува Европската Унија. Сите традиционални извори на енергија поскапеа на светскиот пазар. Покрај пазарните фактори на понудата и побарувачката, за кризата придонесува и стравот и неизвесноста во пресрет на зимата.

 

Графикон 1: Цените на енергијата во ЕУ 2008-2021, Европска комисија

Европската унија е силно зависна од надворешни енергетски ресурси. Според Еуростат, во 2019 година зависноста изнесувала 60,7%. ЕУ најмногу увезува нафтени деривати, а потоа гас, меѓутоа единствено увозот на гас бележи константен раст, наспроти другите енергенси. ЕУ увезува најмногу гас од Русија (43,4% во 2020), а потоа од Норвешка (20%).

Графикон 2: Увоз на оделни енергетски производи ЕУ, 1990-2019, Еуростат

Цените на природниот гас на европските пазари од април до почетокот на октомври оваа година се зголемија за скоро шест пати, за при крајот на минатиот месец благо да опаднат.

Инфлацијата во ЕУ во септември достигна 3,4% (на годишно ниво) – највисоко ниво од 2008 година, при што најзначително за тоа придонел растот на цените на енергијата од 17,4%. Економистите предупредуваат на можен натамошен раст на инфлацијата, како резултат на покачените цени на енергијата.

Секако, институциите на ЕУ не останаа инертни на ситуацијата. ЕУ има значителни надлежности во областа на енергетиката – да ги обезбеди функционирањето на пазарот на енергија и безбедноста на снабдувањето, како и да ги унапредува енергетската ефикасност и новите обновливи извори, но и меѓуповрзаноста на енергетските мрежи. Сепак, и државите членки имаат одредени надлежности – да ги определат условите за експлоатација на нивните енергетски ресурси, изборот меѓу разлишни енергетски ресурси и општата структура на нивното снабдување со енергија.

Комисијата во своето Коминике од октомври 2021 година даде проценка на причините и можните натамошни трендови и сугерираше алатки за акција. Шефовите на држави и влади го поддржаа овој пристап на Европскиот совет од 21 октомври.

Оценките за причините на кризата на ЕК не се разликуваат многу од оние на независните аналитичари. Тоа се главно зголемената побарувачка на енергија во постпандемиско опоравување и лошата сезона за производство на обновливи извори на енергија (вода, ветер).

Меѓутоа, она што предизвикува дебата се проценките за натамошните трендови. Комисијата проценува дека кризата ќе биде со кусорочно траење – до крајот на зимата 2022 година, но сепак се предупредува на можни натамошни флуктуации на цените. Некои аналитичари, пак, предвидуваат подолгорочна криза.

Сегашнава криза веќе фрла сенка на напорите за транзиција кон обновливи извори на енергија. Иако производството на енергија во ЕУ е намалено, значително е зголемено производството од обновливи извори на енергија. Сепак, динамиката на замената ни оддалеку не може да ги задоволи потребите. Од друга страна, поборниците на зелената агенда тврдат дека до ваква криза не би дошло доколку транзицијата кон обновливи извори беше поагресивна и подинамична.

Во споменатиот документ Комисијата останува на приоретизацијата на обновливи извори на енергија, и најавува други среднорочни мерки кои би оневозможиле кризи (на пр. зголемување на капацитетот за складирање на гас). Како непосредни и привремени мерки ЕК им сугерира на државите – членки, меѓу другото, поддршка за најранливите категории граѓани, интервенции во даноците, како и државна помош за компаниите односно индсутриските гранки (во согласност со правилата за државна помош на ЕУ). Комисијата вети, од највисоко ниво, дека ќе истражи можни појави на неконкурентно однесување на пазарот на енергија.

Енергетската криза наметна и геостратешки и гео-политички прашања. И покрај тоа што засега се тврди дека нема нарушување на договорите за испорака на гас во ЕУ од страна на руската државна компанија Газпром, расте притисокот кон Русија за испорака на поголеми количини на гас. Меѓутоа, расте и притисокот од Русија за одобрување на изградбата на нафтоводот „Северен тек“ од Русија директно во Германија, со што би се заобиколила Украина како транзит и веројатно би се зголемила зависноста од увозот на гас од Русија.