Ендру Тејт останува во притвор до 27 февруари

Anything Goes With James English, CC BY 3.0 , via Wikimedia Commons

Судот во Букурешт во петокот одлучи дека Ендру Тејт мора да остане во притвор најмалку до 27 февруари, а истрагата за организиран криминал против поранешниот кикбоксер, инфлуенсер и прогласен женомразец продолжува, јави „Гардијан“.

На барање на романската агенција за организиран криминал, „Дикот“, продолжен е притворот на Ендру Тејт, како и на неговиот брат Тристан, и на две осомничени Романки, од кои едната е поранешен полицаец.

Четворицата осомничени беа уапсени на 29 декември под сомнение за трговија со луѓе, силување и создавање организирана криминална група за експлоатација на жени и им беше одреден 30-дневен притвор. Браќата ги негираа наводите.

Апелацискиот суд во Романија минатата седмица го отфрли нивното барање за ослободување, откако обвинителите тврдеа дека, со оглед на нивниот „финансиски капацитет“, браќата би можеле да ја избегнат истрагата, да ја напуштат Романија и да се населат во земји кои не дозволуваат екстрадиција.

Освен пиштоли, ножеви и големи суми на пари, инспекторите досега заплениле недвижен имот на Тејт во Романија, како и 15 луксузни автомобили и 14 луксузни часовници.

Романските обвинители ја започнаа истрагата во март минатата година, откако еден од браќата, наводно, силувал жена која била жртва на трговија со луѓе. Браќата Тејт се обвинети дека ги регрутирале своите жртви, заведувајќи ги и лажно тврдејќи дека сакаат романтична врска со нив. Жртвите потоа биле носени на имоти надвор од Букурешт, каде што преку физичко насилство, ментално заплашување и принуда биле принудени да произведуваат порнографска содржина.

Обвинителството досега идентификуваше шест жртви, меѓу кои и малолетници.

Ендру Тејт беше исфрлен од британското реално шоу „Големиот брат“ во 2016 година поради говор на омраза и изјавите дека жените биле делумно одговорни за силувањата и дека им „припаѓале“ на мажите.

Откако собра милиони следбеници на социјалните мрежи и предизвика стравувања дека неговите видеа радикализираат млади луѓе, Тејт беше забранет на сите главни платформи, но потоа беше вратен на Твитер, откако Илон Маск ја купи компанијата.