Ендру Тејт е приведен во Романија под обвинение за трговија со луѓе

Anything Goes With James English, CC BY 3.0 , via Wikimedia Commons

Контроверзниот инфлуенсер Ендру Тејт е приведен во Романија како дел од истрага за трговија со луѓе и силување, објавија светските новински агенции.

Според Би-би-си, Тејт бил приведен заедно со неговиот брат Тристан, а во неговата куќа во Букурешт бил спроведен претрес.

Адвокатот на браќата го потврдил нивниот притвор, објави Ројтерс.

Романските органи за организиран криминал и тероризам во соопштението не ги навеле имињата на браќата Тејт, но соопштиле дека станува збор за двајца британски и двајца романски државјани.

Ендру Тејт се преселил во Романија пред пет години, а заедно со неговиот брат се под истрага уште од април.

„Четворицата осомничени се чини дека создале организирана криминална група со цел да регрутираат, вдомат и искористат жени, принудувајќи ги да создаваат порнографска содржина наменета да се види на специјализирани интернет-сајтови за одреден трошок“, рекле романските обвинители за случајот во кој е приведен и контроверзниот инфлуенсер.

Во објавеното видео од претресот се прикажани пиштоли, ножеви и пари во една од просториите.

Поранешниот кик-боксер Ендру Тејт се прослави во 2016 година кога беше отстранет од британското телевизиско шоу „Големиот брат“ поради видео на кое се чинеше дека напаѓа жена. По ова, Тејт продолжи да се стекнува со озлогласеност на интернет, а Твитер му го суспендираше налогот поради тоа што рече дека жените треба да сносат одговорност за сексуалните напади врз нив. Неговиот налог сега е вратен, а деновиве е актуелна неговата онлајн расправија со климатската активистка Грета Тунберг.

Тејт во моментов е забранет на Јутјуб, Фејсбук, Инстаграм и ТиктТок. За отстранувањето на ТикТок, од компанијата рекоа дека „мизогинијата е идеологија со омраза што не се толерира“.