Фото: Арбнора Мемети

Според податоците на Атласот на емиграција на ЕУ 2020, емиграцијата од шесте држави на Зaпадниот Балкан во ЕУ изнесува скоро 3 милиони луѓе – поточно 2.990.000. Во ЕУ со валидни дозволи за престој на крајот на 2019 година биле над 2.400.000 лица од Западниот Балкан. За околу 60.000 лица во 2019 година било утврдено дека незаконски престојувале, но на ова секако треба да се додаде и „сива бројка“ на неоткриени незаконски престои.

Автор: Малинка Ристевска Јорданова

Разликите се големи меѓу државите од регионот – додека најмногу емигранти во ЕУ имаат Албанија и Босна и Херцеговина (над 950.000), убедливо најмалку има Црна Гора – 58.000 (а таа привлекува и најмногу имигранти, споредено со бројот на населението). Македонија има 247.000 емигранти во ЕУ, а Србија – 724.000. Меѓутоа, за разлика од други држави во регионот од кои иселувањето е најмногу насочено кон ЕУ (на пример, Албанија), според статистиките на Обединетите Нации, само една третина од емигрантите од Македонија се упатуваат кон ЕУ. Според истиот извор, повеќе од една третина од населението на регионот емигрирало.

Она што најмногу загрижува е што трендот продолжува. На пример, бројот на издадени дозволи на престој за лица од регионот во ЕУ од 2011-2012 година наваму константно се зголемува и тој за период од три години (2016 -2019) е зголемен скоро за три пати. Постојано се зголемува и бројот на дозволи издадени со причина – работа (наспроти, на пр. семејни причини). Според Балканскиот барометар на Регионалниот совет за соработка, 43 отсто од испитаниците во регионот би размислиле за живот и работа во странство, а 39 отсто од нив активно ги разгледуваат можностите за тоа или веќе се во фаза на подготовки за заминување.

Друга причина за загриженост е структурата на емигрантите од регионот. Според анализата на Виенскиот институт за меѓународни економски студии од 2018 година, најголем дел е младо население, и тоа од 30-40 отсто висококвалификувано. Околу третина е нискоквалификувано, а помал дел – со средна квалификација. Последиците, особено од одливот на висококвалификуваниот кадар се огромни. Алармантен е одливот на кадар од здравството, во чие образование државите од регионот инвестирале и значителни средства.

И покрај тоа што главниот мотив за иселувањето е економски – вработување, поголема плата и подобар животен стандард, сѐ повеќе како причина за иселувањето се наведуваат и општите состојби на бесперспективност, разочарување во начинот на владеење и институциите, како и образовниот и здравствениот систем.

Се чини дека ниедна држава во регионот нема соодветен одговор на проблемот. Очекувањето дека самиот процес на пристапување во ЕУ ќе придонесе за намалување на одливот на мозоци е нереално. Напротив, досегашните искуства го покажуваат спротивното. Државите членки на ЕУ, а секако и другите развиени држави ќе сакаат да привлечат што поголем број квалификувана работна сила однадвор, што само ќе го зголемува ризикот од одливот на мозоци од Балканот. Веројатно експертите на Светска Банка со право констатираат дека одливот е повеќе симптом, одошто причина. Оттаму, долгорочните решенија се гледаат во разрешување на основните причини за емиграцијата: креирање работни места, стимулирање на потребните високообразовни кадри, поквалитетно образование и воопшто јавни услуги, добро владеење и институции…  Стимулирањето на т.н. циркуларна миграција е една од можните дополнителни мерки што се сугерираат, но таа, сама по себе, не може да го реши проблемот.

Малкумина во државата знаат дека Македонија имала „Националната стратегија за вмрежување, соработка и намалување на одливот на високообразовании стручни кадри 2013 – 2020 година“. Без да навлегуваме во оценка на нејзиниот квалитет, ќе споменеме дека анализата на нејзиното спроведување подготвена од невладината Мрежа за спречување на одлив на мозоци покажува дека само 11 отсто од мерките предвидени во неа се спроведени. Добар пример, за почеток, би било надлежните институции да направат евалуација на овој документ и неговото спроведување, пред да пристапат кон подготовката на нови слични документи.