Ема од Friends во 2020-та се разбуди од дремката

Friends е една од најпопуларните серии во историјата која и ден денеска се гледа одново и одново. На почетокот на годинава фановите беа пријатно изненадени откако актерката која кога била бебе ја глумела Ема, ќерката на Рејчел и Рос, на нејзиниот Инстаграм ја направила совршената референца на една од познатите реплики на Чендлер за годината 2020.

Во епизода од серијата во која Рос и Рејчел организираат забава за првиот роденден на Ема, Чендлер и Моника се лутат зошто почетокот на забавата доцни неколку часа бидејќи Ема спие. Во меѓувреме Рос доаѓа со камера и им вели да снимат порака за Ема која ќе и ја пуштат на нејзиниот 18. роденден. Чендлер вели: “Здраво Ема, годината е 2020, дали сè уште спиеш?“

Актерката Ноел Шелдон (Noelle Sheldon) која заедно со својата сестра близначка ја глумеле улогата на Ема, на почетокот на годинава објави на својот Инстаграм, слика од неа во кафулето „Централ перк“, со текст “Само што се разбудив од најдобрата дремка во историјата, среќна 2020!“