fbpx

Елизабета Ѓоргиевска: Една од 7 жени е жртва на физичко или сексуално насилство

-

Секоја трета жена преживеала некој форма на родово базирано и/или семејно насилство. Секоја година има 1.500 ново евидентирани жртви на насилство, но оваа бројка е приближно само 2 отсто од реалните случаи на насилство. Половина од жените во Северна Македонија биле жртви на насилство од интимен партнер. Секоја втора жена е жртва на психолошко насилство, а една од 7 жени е жртва на физичко или сексуално насилство. Овие поразителни податоци денеска со јавноста ги сподели сопругата на претседателот на Северна Македонија, Елизабета Ѓоргиевска.

Таа, говорејќи на настанот „Здружени против родово базирано насилство“, со цел поддршка на Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, истакна дека ова не се само бројки.

„Ова се ранети човечки животи, често оставени на општествените маргини, и претставуваат една тажна слика за нашето општество, а за која мора да постои нулта толеранција“, рече Ѓоргиевска додавајќи дека е потребно заеднички да испратиме порака дека сме здружени во борбата против родово базираното насилство, „борба која трае и за која треба посветени стратешки и тактички сензибилизирани чекори“.

Родово базираното насилство, не е само тема, за која треба да дискутираме, рече Ѓоргиевска, и истакна дека тоа е реалност за многу наши сограѓанки и секојдневие кое го живеат многу жени, девојки, мајки… и не е доволно да покажеме само емпатија или само да ги осудиме ваквите појави.

„За да постигнеме вистински успех во борбата против родово базираното насилство, потребен е координиран пристап на сите релевантни институции со цел да се обезбеди ефективна заштита на жртвите од различните форми на насилство, како што е потребно да се работи на развивање на механизмите за поддршка и реинтеграција на жртвите во општеството“, изјави првата дама.

Таа, исто така, хагласи дека не случајно спомена различни форми на насилство, затоа што најчесто кога зборуваме за семејното насилство, помислуваме на физичко насилство.

„Многу ретко се зборува за психолошкото, сексуалното, економското насилство, кои се затскриени во сенката на доминантните, неретко патријархални, културни и општествени динамики. Овие облици на насилство исто така имаат долгорочни последици за жртвите исто како и физичкото насилство, но се во сивата зона и за нив речиси не постои никаква евиденција, затоа што пред сè тешко се докажува нивното постоење пред правосудните органи, така што жртвите најчесто не се осудуваат да го пријават, заради срам предизвикан од културните стигматизирачки стереотипи, и по линија на помал отпор се замижува пред него, и истото се игнорира“ потенцираше Ѓоргиевска.

За да се промени оваа состојба, таа апелираше дека е потребно да се обезбедат сигурни институционални механизми за поддршка на жртвите.

„Ако имаме правна разрешница во корист на жртвите, како и поголема застапеност на жените на пазарот на труд која ќе биде база за нивна економско зајакнување а со тоа и осамостојување како и општествено ситуирање, во голема мера ќе успееме да помогнеме за реинтеграција, рехабилитација на жртвите, со што ќе превенираме повторување на насилството, или пак ново насилство“, рече Ѓоргиевска.

Првата дама иако изрази задоволство дека од нормативен аспект постигнат е значителен напредок и континуираните кампањи во голема мера резултираат со подигање на јавната свест, земјава најголемиот чекор напред го направи со усвојување на Истанбулската конвенција, иако сè уште во тек се измени и усогласувања на националното законодавство.

Сепак, Ѓоргиевска рече дека е загрижувачки што во земјава во последните неколку години, особено во периодот на пандемијата на Ковид-19, забележани се негативни трендови и има регистриран пораст на жртвите на семејно насилство. Таа порача дека иако заложбите и соработката на јавните институции, граѓанскиот сектор и бизнис заедницата за овозможување на услуги за жртвите на родово базирано насилство се за почит, потребни се дополнителни напори.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Деновите од изборите ќе се одработат, учениците подолго ќе престојуваат во училиште

Министерството за образование и наука информира дека наставата од деновите на гласање - 24 април и 8 мај, како и од 30 ноември кога беше организиран Самитот на ОБСЕ...