„Не е точно дека ТЕЦ Осломеј откажала ниту, пак, е исклучена поради дефект. Овој капацитет во изминатиот период на зголемен потрошувачки конзум и потреба од електрична енергија, во целост одговори на потребите на тарифните потрошувачи“, се вели во реакцијата на ЕЛЕМ на соопштението на СДСМ.

– Основна причина зошто капацитетот е надвор од електроенергетскиот систем е намалената потрошувачка на електрична енергијa. Со опаѓање на конзумот и со реоптимизација на електраните, донесена е одлука тој да се исклучи, затоа што вкупната потреба од електрична енергија од почетокот на месецов, АД ЕЛЕМ во целост ја обезбедува од домашното производство и без потреба од увоз. Истовремено, во услови кога без овој термокапацитет во целост се одговара на потребите на потрошувачите, компанијата избегнува дополнителни трошоци, со оглед на тоа што специфичната производствена цена на ТЕЦ Осломеј надминува 100 евра за мегават-час електрична енергија – се вели во соопштението на компанијата.

Во однос на водостојот на Тиквешкото Езеро, од ЕЛЕМ велат дека не е точно дека акумулацијата е на минимално ниво, туку во согласност со денешните податоци, таа е на пет метри од минималната работна кота.