Електричните и хибридните автомобили во Европа првпат попродавани од дизелите

Електричен автомобил Тесла во Скопје | Фото: Мета.мк

Електричните возила и плаг-ин хибридите во август во Европа биле попродавани од возилата со дизел мотори и ова е првпат во историјата на Стариот континент, соопшти аналитичката компанија JATO Dynamics.

Од компанијата велат оти ваквите промени говорат дека полека се менуваат сфаќањата на Европејците.

„Иако промоциите и субвенциите одиграа значителна улога во зголемувањето на побарувачката, гледаме коренита промена во купувачките навики со појавата на привлечни нови модели на пазарот, а купувачите се освестуваат за придобивките од електричните возила“, објаснува Фелипе Муњоз, глобален аналитичар во JATO Dynamics.

Иако во август бројот на регистрации на нови возила во Европа, втор месец во низа опаднал за двоцифрена бројка, односно забележано е намалување од 18 отсто во 26 земји, позитивно е изненадувањето што го направија електричните возила, престигнувајќи ги со 10.100 возила загадувачките дизели.

Во август се продадени вкупно 151.737 електрични и хибридни возила, односно пазарниот удел бил 21 отсто. Воедно, во однос на истиот месец минатата година, тоа е пораст од 61 отсто, а од почетокот на годинава во Европа се регистрирани 1,32 милиони вакви нови возила.

Инаку, во однос на дизел возилата, во август биле регистрирани нови 141.635 дизели, односно 20 отсто од вкупниот број нови регистрирани возила.

Најпродавани и понатаму се возилата со бензински мотори, кои сочинуваат 56 проценти од новорегистрираните возила..

Најпродаван електричен модел во август бил Волксваген ID.3,а голема побарувачка имало и за електричните верзии на Фиат 500, Пежо 208, Хјундаи Кона, Опел Корса и Киа Ниро. По ID.3, според продажбите следува Тесла Модел 3, а Фолксваген ID.4, Рено Зои и Мустанг Меч-и.

Кај плаг-ин хибридните возила, најпродаван е Форд Куга, па Мерцедес ГЛЦ, БМВ серија 3, Мерцедес А класа и Купра Форментор.

Инаку, најпродаван модел во август генерално бил Дачија Снадеро, следен од Фолксваген Голф и Тојота Јарис.