Ел Салвадор го усвои биткоинот како официјална валута

Ел Салвадор
Фото: Ел Салвадор, Wilson Edilberto Santana Suarez на Unsplash

Средноамериканската држава Ел Салвадор стана првата земја во светот што го прифати биткоинот како национална валута, со што започна радикален монетарен експеримент што може да претставува ризик за кревката економија, јавуваат светските новински агенции.

Претседателот Најиб Букеле вчера соопшти дека неговата влада купила уште 200 биткоини пред официјалното усвојување на валутата во земјата. Како што информира „Си-ен-ен“, Ел Салвадор сега има 400 биткоини кои вредат речиси 21 милион долари со сегашните нивоа на тргување.

Биткоинот во оваа земја ќе се користи како легално средство за плаќање заедно со американскиот долар, кој досега беше единствена официјална валута во Ел Салвадор.

Почнувајќи од денес, бизнисите ќе бидат обврзани, онаму каде што е можно, да ги прифаќаат дигиталните валути како едно од средствата за плаќање.

Милиони луѓе се очекува да ја преземат новата владина апликација за дигитален паричник – „Chivo Wallet“, со која секој граѓанин ќе добие по 30 долари во биткоин со цел да се промовира употребата на криптовалутата.

Вредноста на биткоинот драстично се зголемуваше и паѓаше изминатава година. Од 10.000 долари за еден биткоин во септември минатата година, највисокото ниво беше достигнато во април годинава кога вредноста се искачи на над 64.000 долари, за во јули да падне на 30.000 долари. Неговата вредност во моментов изнесува околу 50.000 американски долари.

„Би-би-си“ известува дека мислењата во Ел Салвадор околу новиот закон за плаќање со биткоин се поделени, а некои луѓе стравуваат токму поради драстичните промени во вредноста на криптовалутата. Неодамнешните протести во главниот град Сан Салвадор покажаа недостаток на доверба кај граѓаните кои сметаат дека новата мерка претставува одвраќање од контроверзното владеење на десничарската влада предводена од Букеле.

За разлика од Ел Салвадор, многу влади низ светот, како кинеската, се обидуваат да го ограничат усвојувањето на криптовалутите со зголемување на регулативите и прописите.