„Ел-Џи“ повеќе нема да произведува мобилни телефони

LG
фото: hawkHD на Pixabay

До крајот на јули, јужнокорејската компанија „Ел-Џи“ ќе ги затвори одделите за производство и ќе се повлече од бизнисот на мобилни телефони. Наместо телефонски уреди, од „Ел-Џи“ соопштија дека ќе се фокусираат на паметните производи за домаќинство, како и на компонентите за електрични возила, роботика, вештачка интелигенција и други уреди, услуги и платформи.

„Ел-Џи“ е последниот производител што го напушта неверојатно конкурентниот  пазар на паметни телефони доминиран од „Епл“, „Самсунг“ и растечките кинески производители како „Хуавеи“ и „Шаоми“.

Причината за стопирањето на прозиводството е поради загубите на компанијата во овој сектор.

„Движејќи се напред, Ел-Џи ќе продолжи да ја искористува својата мобилна експертиза и да развива технологии поврзани со мобилноста, како што е 6Г технологијата, за да помогне во понатамошното зајакнување на конкурентноста во други деловни области. Основните технологии развивани во текот на дводецениското работење во мобилниот бизнис, исто така ќе бидат задржани и применети на постојните и идни производи“, стои во соопштението на „Ел-Џи“.

Компанијата, притоа, додава дека ќе продолжи да им обезбедува поддршка и ажурирање на софтверот на постојните корисници на мобилните продукти за одреден временски период што ќе се разликува по региони и дека ќе соработува со дистрибутерите и бизнис партнерите за време на затворањето на бизнисот со мобилни телефони.

„Си- нет“ пишува дека и други телефонски брендови, како „Блекбери“ и „Нокиа“, се соочија со слични предизвици, па ниту една од овие компании сега не функционира во нејзината оригинална форма. „Нокиа“ и „Блекбери“ беа лидери во индустријата на телефони со тастатура, но не успеаја успешно да преминат во светот на паметните телефони со екран на допир.

Во 2007 година „Ел-Џи“ беше петти најголем светски производител на телефони. Првиот мобилен телефон со екран на допир кој беше масовно произведуван и купен од повеќе од еден милион корисници беше создаден токму од „Ел-Џи Електроникс“ во соработка со луксузната компанија „Прада“ во мај 2007. Еден месец подоцна, Стив Џобс го претстави првиот „Ајфон“ и со тоа почна револуцијата во индустријата на мобилните телефони.

Во последните неколку години „Ел-Џи“ експериментираше со разни иновативни дизајни во обид да ги привлече купувачите и да се одржи високо во мобилната индустрија, но напорите се покажаа како безуспешни. Во четвртиот квартал  од минатата година, јужнокорејскиот конгломерат не се најде во првите пет најголеми светски продавачи на смартфони. Кинеската компанија „Хуавеи“ и покрај санкциите од САД успеа да го заземе нејзиното место, веднаш после „Епл“, „Самсунг“, „Шаоми“ и „Опо“.

LG Prada
LG KE850, познат и како „LG Prada“ беше првиот мобилен телефон со екран на допир произведен од „Ел-Џи“ / фото: LG / Wikimedia Commons