Министерството за правда попладнево соопшти дека ќе чека официјално известување од Министерството за внатрешни работи (МВР) дека осудениот пратеник и експремиер Никола Груевски е во бегство, па дури ќе може да се помине кон постапката за екстрадиција. Но станува збор за малку подолга постапка

„Прво треба да добиеме известување од Министерството за внатрешни работи дека лицето е лоцирано, па дури потоа треба да се комплетира пакет документи, односно меѓународна потерница, правосилната пресуда од судот, извадок од Кривичниот законик за описот на делото и застареноста на кривичното гонење. Сите документи треба да се преведат на јазикот каде што е избегано осуденото лице“, велат од Министерството за правда за МИА.

Инаку, екстрадицијата е регулирана според глава 31 , „Постапка за екстрадиција на обвинети и осудени лица”, од Законот за меѓународна соработка во кривичната материја, како и од билатерални договори, кои се наведени на веб-страницата на Министерството за правда.

Македонија досега има склучено билатерални договори за екстрадиција со Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Косово, Србија, Црна Гора, Италија и САД. Последниот ваков договор беше постигнат со Италија во јули предминатата година. Според а договорот за екстрадиција со САД е наследен од Конвенција за екстрадиција помеѓу Кралството на Србија и Соединетите Американски Држави од 12/25 октомври 1901 година.

До пред седум години, Македонија не можеше да предаде свои државјани на друга држава, бидејќи тоа не го дозволуваше членот 4, став 2 од Уставот. Со измените на Уставот во 2011 година и додавањето на амандманот 32 се овозможи екстрадицијата на македонски државјани на други држави.

Екстрадиција на лице врз основа на распишана меѓународна потерница се дозволува за кривични дела за кои според домашното законодавство е пропишана казна затвор од најмалку една година. Исто така екстрадицијата се дозволува заради извршување на правосилно изречена ефективна казна затвор, доколку лицето кое се бара има да доиздржи казна од најмалку четири месеци.

Ако против лице кое се наоѓа во странска држава се води кривична постапка во Република Македонија или кое е осудено од домашен суд, министерот поднесува барање за екстрадиција.

Кон барањето за екстрадиција  се приложуват:

1) податоци за утврдување на идентитетот на лицето чијашто екстрадиција се бара (опис, фотографија, отпечатоци од прсти и слично);
2) уверение или други податоци за државјанство;
3) обвинение, пресуда или одлука за притвор или на некој друг акт со исто правно дејствие, во оригинал или заверен препис во кој треба да биде назначено името и  презимето на лицето чијашто екстрадиција се бара;
4) опис на делото, законскиот назив на кривичното дело и докази за основано сомневање и
5) препис од одредбите на Кривичниот законик на Република Македонија кој треба да се примени или е применет спрема лицето чијашто екстрадиција се бара, а ако делото е сторено на територијата на трета држава, тогаш е потребен и препис од одредби на Кривичниот законик на таа држава.

Кога лицето чијашто екстрадиција се бара правосилно е осудено, како што е случајот со Никола Груевски, кој на Фејсбук денеска напиша дека е во Унгарија, надлежниот суд или казнено-поправната установа до Министерството треба да достават:

1) барање за екстрадиција;
2) правосилна судска пресуда;
3) налог за упатување на издржување на казната затвор или упатен акт;
4) наредба за издавање меѓународна потерница и
5) извод од текстот на Кривичниот законик на Република Македонија.