Непозната експлозивна направа синоќа била поставена и активирана во куќа на улицата 146 во тетовска Мала Речица, сопственост на 66-годишен жител од ова село. При експлозијата, која се случила околу 23 часот и 50 минути, причинета е само материјална штета. Повредени нема бидејќи во куќата немало никого, семејството било на привремена работа во Италија.

– Непознатите сторители насилно ја отвориле металната влезна врата во призмејето, влегле внатре и на влезот од дневната соба ја поставиле и активирале експлозивната направа. Од силната детонација, најмногу оштетена се дневата соба и кујната и други простории од куќата, прозорците и фасадата, но и еден прозорец од соседната куќа – изјави портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски.

Во истата куќа на улицата 146 во Мала Речица, на почетокот од месецов, по добиена пријава за кражба, полицијата пронајде експлозивна направа на влезната врата.

Надлежните работат на целосно расветлување на двата случаи.