Силна експлозија го потресе центарот на Атина доцна синоќа. Во експлозијата е причинета голема материјална штета на една станбена зграда и десетина продавници, а целосно уништени се две возила.

Бомбата експлодирала пред 23 часот, во густо населен кварт во близина на населбата Ексархија. Полицијата сè уште го истражува мотивот за подметнувањето на бомбата. Сомнежите се дека мета била или обвинителната Георгиа Цатани, пред чија зграда експлодираше екплозивниот механизам, или, пак, една книжарница под зградата, која и порано била мета на напади.

Адвокатот на Цатани, Темистоклис Софос, кусо по експлозијата објави дека бомбата била токму пред влезот од зградата на грчката обвинителка, поради што се сомневаат дека таа била мета на нападот. Како што истакна Софос, државата била предупредена дека се потребни зголемени безбедносни мерки за Цатани, но властите го игнорирале нејзиното барање.

– Експлозивниот механизам експлодираше пред влезот на обвинителката Георгиа Цатани. Иако таа побара зголемување на безбедносните мерки, државата одлучи да ја намали полициската заштита, намалувајќи го бројот на нејзини телохранители. Обвинителката поднесе приговор со кој бара зголемување на мерките за заштита или задржување на постоечките безбедносни мерки. Никој не одговори на нејзиниот приговор и беше намалена нејзината заштита – изјави Софос.

Цатани, која како обвинител е дел од голем број контроверзни правни случаи, последните шест години е под постојани безбедносни мерки и со полициска придружба поради константни закани за напад.

Пред експлозијата имало анонимна дојава за бомба во еден весник и во еден портал со предупредување дека не се работи за шега. Полицијата кусо по дојавата почнала да го евакуира просторот и да го блокира движењето по улицата, а се смета дека за влакно биле избегнати жртви бидејќи експлозијата се случила 10 минути порано од најавеното.