По одлуката на Владата решенијата за лицата кои треба да бидат во изолација поради ковид-19 да се објавуваат на веб-страницата на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) и дополнително во „Службен весник“ во најбрз можен рок експертите предупредуваат дека јавното објавување на овие информации ќе резултира со последици.
Редакцијата на Мета.мк упати конкретни прашања до ДСЗИ за да добиеме одговор: дали овие решенија ќе бидат лесно достапни за секого, односно дали било кој корисник на интернет ќе има пристап до туѓи информации? Дали се предвидени чекори за заштита на личните податоци како што е во случаите кога се добива електронски сертификат за вакцинација и точно кои лични податоци ќе ги содржат решенијата? Сепак, не добивме детални одговори на нив.
До објавувањето на оваа вест не добивме никаков одговор од Службен весник. Од ДСЗИ одговорија дека се должни според Законот за општата управна постапка да издаваат решенија за изолација кои епидемолошките служби ги изрекуваат по разни основи.
„Некогаш тоа е резултат од Ковид позитивен тест, а некогаш основот е превентивен, значи не се работи за здравствена состојба на граѓанин, туку за постоење опасност или можност за таква состојба. Бидејќи на дневна основа вакви решенија има повеќе стотици, одлучивме да ги исползуваме одредбите од истиот ЗОУП кои дозволуваат скратена и поефикасна постапка на достава на вакви решенија со што и граѓаните ќе бидат навремено информирани, а и ќе се заштедат време и огромни ресурси“, рекоа од ДСЗИ.
„Истовремено, ја информираме јавноста дека постапката ќе биде во целост усогласена со одредбите од Законот за лични податоци и личните податоци кои ќе се ибјават ќе бидат во минимален обем и само за постигнување на целта за кои е донесено решението“, нагласија надлежните од оваа институција.
Во меѓувреме, во јавноста се огласи и доктор Харис Бабачиќ, магистер по епидемиологија и докторант на медицинскиот универзитет Каролинска во Стокхолм, Шведска, кој активно ја следи ситуацијата со пандемијата кај нас уште од почетокот.
Тој во разговор со Мета.мк рече дека е разочаран од одлуката и се надева дека владата ќе ја повлече затоа што објавување на резултати од испитувања на граѓани и пациенти јавно на веб сајт, уште па со адреса на живеење, е неприфатливо за било која болест, па и за оваа.
„Неетички е и нема да има корист од тоа. Исходот од оваа одлука ќе биде јавно жигосување, огромна стигма и дополнително одвраќање на граѓаните да се тестираат“ нагласи Бабачиќ
Според него, тоа се многу осетливи податоци и никој нема за право да ги објави јавно, па доколку ДСЗИ имале проблем со доставување на решенија за изолација во печатена форма, тоа можеле многу лесно да го решат со софтверско решение каде корисникот на безбеден сајт ќе се логира со корисничко име и лозинка за да го добие резултатот и решението автоматски, а приватноста да му биде заштитена.
Елена Стојановска, експертка за заштита на личните податоци, потсетува дека согласно Законот за заштита на личните податоци, податоците што се однесуваат на здравјето, вклучувајќи и податоци за добиената здравствена заштита се посебна категорија на податоци или чувствителни лични податоци.
„Со самото ова, забранета е обработка на посебните категории на лични податоци освен по исклучок односно ако обработката е неопходна за целите од јавен интерес во областа на јавното здравство, како што се заштита против сериозни прекугранични закани за здравјето или обезбедување на високи стандарди за квалитет и безбедност на здравствената заштита. Овој исклучок се однесува на обемот на личните податоци кои се собираат без согласност на граѓаните во време на криза како што е справувањето со ковид-19, нивното споделување помеѓу институциите, мапирањето и слично“ рече Стојановска нагласувајќи дека овој исклучок не се однесува на јавно објавување на личните податоци за инфицирани лица или лица во самоизолација.
Таа препорача дека пред одлуката за носење на нови мерки за справување со ковид-19, потребна е:
– Широка консултација со институциите, Агенција за заштита на личните податоци, Оперативно техничката Агенција, Министерство за внатрешни работи како и релевантните граѓански организации кои дејствуваат во областа на заштита на човековите права.
– Анализа на судската пракса особено заради фактот што Европскиот суд за човекови права има донесено одлуки со кои го дефинира јавното објавување на лични податоци на заболени од вирус како против законско.
– Спроведување на сериозен тест на штетноста од примената на предвидените мерки во смисла на тоа кои права би се нарушиле во име на штитење на суштинските интереси на државата (повреда на правото на приватност, стигматизација на заболените и нивните семејства и слично).
– Анализа на искуствата од спроведувањето на исти или слични мерки во останатите земји која може да послужи како пример и поука и во нашата земја.
Стојановска исто така нагласи дека треба да се анализираат и искуствата искуствата на неколку европски земји добиени во консултација со членките на EDRi – European Digital Rights Initiative.
Во Холандија, со посебна одлука на Владата е предвидено Министерството за здравство во рок од 24 часа од добивањето на позитивен тест на ковид-19 да го извести градоначалникот на општината, во која инфицираното лице живее за неговиот идентитет и здравствена состојба. Единствено што смее Градоначалникот на општината е да изрече мерка за задолжителен домашен или болнички карантин на инфицираното лице, при што во секое време може да користи помош од полицијата за проверка на тоа дали лицето ја почитува мерката без притоа да ја наруши приватноста на инфицираното лице. Согласно важечките законски норми во Холандија, јавно објавување на лични податоци на инфицирани лица или лица во самоизолација воопшто не е опција.
Словачка објави детална мапа со локација на лица заразени со COVID-19. Мапата не содржеше име и презиме, но содржеше пол и години на старост, а овозможено беше и зумирање за подетален увид во адресата. Експертите од областа на заштита на личните податоци ова решение го сметаат за проблематично, особено неговата примена за помалите градови и села каде што идентитетот на лицата е лесно да се открие и истите да бидат стигматизирани. Само неколку дена по објавувањето на мапата, Владата даде изјава за извинување до граѓаните каде што ја признава грешката, а податоците на мапата се сведени само на податок за општината и бројот на заболени. Употребата на деталната мапа е строго ограничена на институциите надлежни за спроведување на мерките и тоа со посебно донесен закон исклучиво за вонредната состојба додека трае пандемијата.
Во Ирска, стигматизирањето на лицата заразени со ковид-19 е една од основните причини заради која јавното објавување на лични податоци не е дозволено. Според ставот на властите, објавувањето нема да резултира со ништо друго освен со голем број на лица кои ќе одбијат да се тестираат само за да не бидат јавно објавени доколку се заразени. Тргнувајќи од овој став, во откривањето на првите случаи, властите објавиле само дека станува збор за граѓани од источниот дел на земјата, без притоа да ги наведат општините од кои лицата доаѓаат. Кога се појавил случај на заразен вработен во училиште, било објавено името на училиштето, па интересот на медиумите за да се открие кој е заразениот бил осуден од граѓаните како нарушување на приватноста.
Чешка исто така е на став дека објавувањето на личните податоци на заразените лица или лица во самоизолација е опасно заради можноста од насилство од околината и стигматизација на лицето. Еден случај го зајакнал ставот на властите, а тоа било случај кога во мало место во Чешка тим од здравствени работници дошол да земе брис од млад човек штотуку вратен од Перу. Локалното население кое ја видело оваа ситуација веднаш почнало да врши притисок врз целото семејство да не излегува од куќата, ниту да се движи било каде во населбата.
Во Израел се користат две мобилни апликации. Првата на граѓаните им дава информација дали биле во близина на лице заразено со ковид-19, додека втората за тоа дали биле во близина на лице во самоизолација. Ниту една од двете апликации не ја открива точната локација или идентитет на лицата. Дополнително, Израел ја користи безбедносната инфраструктура на земјата во целост, вклучувајќи ги и мерките за борба против тероризмот.
Над 90 земји спроведуваат слични мерки за справување со ковид-19, а притоа внимаваат на балансот помеѓу заштитата на јавниот интерес и основните човекови права.
Кај нас, во април 2020 кога на неколку електронски медиуми беше објавена вест дека на социјалните медиуми кружат фотографии со списоци со лични податоци (име, презиме, адреса, матичен број) на лица од Куманово кои се заболени со ковид-19, директорот на Агенцијата за заштита на личните податоци до Основното јавното обвинителство поднесе Кривична пријава против: непознат сторител за кривично дело злоупотреба на лични податоци од член 149 од Кривичниот Законик.
Тогаш од Агенцијата за заштита на личните податоци нагласија дека согласно Законот за заштита на личните податоци, обработката на податоци што се однесуваат на здравјето на луѓето е забранета, па оттука секое објавување и споделување на лични податоци од страна на неовластени лица, за лица заболени од корона вирус или лица кои се во домашна изолација или во државен карантин, претставува повреда на приватноста и на правото на заштита на личните податоци и подлежи на санкции согласно закон.