Пред референдумот во Молдавија околу членството во ЕУ, властите во земјата соопштија дека идентификувале повеќе од сто млади луѓе кои наводно биле обучувани во Србија и во други земји за да ја дестабилизираат ситуацијата во земјата.

Аналитичари за српскиот сервис на Н1 велат дека, според обвинувањата на молдавските власти, обуката ја вршеле руски офицери и неколку Срби, а обуката, меѓу другото, вклучувала употреба на експлозиви и беспилотни летала.

Коментирајќи ја веста за апсењето на одредени лица во Молдавија поради мешање во изборниот процес, а меѓу кои имало и лица од Србија и Босна и Херцеговина, политичкиот аналитичар Михаи Исак вели дека, според молдавските власти, неколку стотици млади луѓе од Молдавија биле регрутирани од паравоената група Вагнер, и дека во околината на Бања Лука (БиХ) и во Србија, во близина на границата со Романија, биле обучени да ги нарушуваат мирните протести или да напаѓаат стратешки цели во молдавскиот главен град Кишињев и во други делови од земјата.

Според експертот за безбедносна политика од Кишињев, Андреј Курарару, освен Вагнер, регрутирање вршела и друга формација што некогаш му припаѓала на сега починатиот шверцер на оружје Евгениј Пригожин.

„Знаеме дека беа регрутирани повеќе од 300 луѓе, од кои повеќето биле учесници во таканаречените културни програми во Русија. Од нив се избрани 100 лица за своевидна паравоена обука како да земат оружје од полицаец, како да се изврши кривично дело, да се нападне полицијата. А некои од нив се обучени во балканскиот регион. Тие се, како што споменав претходно, обучени за употреба на експлозиви, за употреба на дронови и така натаму“, вели Курарару за Н1.

Во меѓувреме, министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Елемедин Конаковиќ, денеска рече дека земјата мора постојано да биде на готовс поради малигното руско влијание и повика на темелна проверка на разузнавачките податоци од Молдавија за проруските активисти кои се обучувале во БиХ и во Србија.

Минатата недела, пред одржувањето на претседателските избори во Молдавија, босанското МВР соопшти дека полицијата извршила рации и уапсила мажи осомничени дека биле обучени во Русија, Србија и српскиот ентитет во БиХ, да предизвикаат насилство и да ја дестабилизираат Молдавија.

Засега нема потврда за информациите за наводни кампови за обука во Босна, но од Агенцијата за разузнавање и безбедност на земјата велат дека пред два месеца, неколку странски државјани кои пристигнале во БиХ од исток, може да се поврзат со организирање групи за саботажа на јавни собири.

Во неделата, референдумот околу кандидатурата на Молдавија за членство во ЕУ помина со исклучително мала разлика, при што разликата меѓу гласовите „да“ и „не“ изнесуваше неколку стотици.

Меѓународната мисија за набљудување на изборите на ОБСЕ во своите прелиминарни заклучоци наведе дека имало различни форми на манипулативно мешање за дестабилизација на земјата, како што се незаконско финансирање на политички актери, кампањи за дезинформации и сајбер напади.