fbpx

Експанзија на „легалната“ лихва на грбот на граѓаните: експрес-кредити без камата но со највисоки трошоци

-

Финансиските друштва за експрес-кредити во последните години се во голема експанзија и покрај критиките во јавноста дека, иако често пати се рекламираат дека не наплаќаат камата, сепак наплаќаат убедливо највисоки трошоци на пазарот, односно многу поголеми од тие на банките. Тоа го констатира и Народната банка.

„Активностите на финансиските друштва опфаќаат „брзо“ одобрување кредити на мали износи, но со исклучително високи трошоци во најразлична форма (камата, провизии и други надоместоци)“, укажуваат од Народната банка.

Во 2018 година, бројот на лиценцирани финансиски друштва изнесува 22, што е за три повеќе во споредба со претходната година.

Во новиот извештај за финансиска стабилност, Народната банка констатира дека продолжува растот на активностите на овие друштва, чии вкупни средства во споредба со 2017 година забележале зголемување од 639 милиона денари, или за 30,9 отсто.

„Во рамки на активата, највисок е придонесот на краткорочните кредити (84,5 отсто). Експанзијата може да се воочи и преку бројот и вредноста на новосклучените договори, особено кај физичките лица. Физичките лица се најчестите корисници на услугите коишто ги нудат финансиските друштва, со учество од 77,7 отсто во вкупната вредност на активните договори“, се вели во извештајот на Народната банка.

Оттаму објаснуваат дека според видот на активностите коишто ги вршат, финансиските друштва би требало да претставуваат еден вид дополнување на кредитната активност на банките и штедилниците, особено за клиентите коишто имаат ограничен пристап до кредитите на банките, поради нивните поконзервативни кредитни политики.

Со последните измени на Законот за заштитата на потрошувачите при договори за потрошувачки кредит од јануари 2019 година, се ограничи максималната висина на стапката за вкупните трошоци на кредитот (СВТ) и се уреди обврската за давателите на потрошувачки кредит да ја пресметуваат и да ги информираат корисниците на кредити за неа.

Согласно со одредбите од овој закон, максималната висина на вкупните трошоци на кредитот може да биде најмногу петпати повисока од стапката на законската казнена камата утврдена согласно со Законот за облигационите односи (СВТ за првото полугодие од 2019 година не може да изнесува повеќе од 52,5 отсто).

Исто така, со измените на овој закон се промени и неговиот опфат, за да ги опфати сите потрошувачки кредити, односно и оние на износ под 200 евра во денарска противвредност, коишто беа изземени од основниот закон.

„Преку овие две измени во суштина се изврши регулаторно доуредување насочено директно кон финансиските друштва и ограничување на можностите да кредитираат ниски износи (надвор од законскиот опфат) и со многу високи надоместоци. Според расположливите информации по датумот на овој извештај, односно по започнувањето со примената на посочените законски измени, некои од овие друштва сепак и натаму наплатуваат многу високи надоместоци на одобрените кредити. Поради ова е потребно натамошно зајакнување на регулаторната рамка за овие институции“, препорачуваат од Народната банка.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.