Ексклузивен швајцарски рачен часовник посветен на Загор се продава за 3.100 евра

Промотивна илустрација за часовникот со Загор. Фото: Sergio Bonelli Editore.

Италијанската издавачка куќа за стрипови „Серџо Бонели Едиторе“ (СБЕ) и швајцарскиот производител на луксузни часовници „Еберхарт“ на 3 септември претставија ексклузивен рачен часовник посветен на популарниот стрип Загор.

Часовникот посветен на „Духот со секира“ е изработен во ограничена серија од само 120 примероци кои се продаваат по цена од 3.100 евра.

Ограничената серија персонализирана со карактеристичното лого со стилизирана птица е пуштена во промет по повод 60-годишнината на стрипот, која се прославува во текот на целата 2021 година. Часовникот е водоотпорен до длабочина од 50 метри.

Марио Пасерико, директорот на „Еберхарт Италија“, изјавил дека го започнале партнерството со СБЕ поради нивната важна историја и позитивните вредности кои ги претставува растечкиот бренд Загор, претставен од популарниот лик кој се бори за зачувување на мирот, во одбрана на послабите и Доброто, мотивиран од желба за правда и алтруизам.

„Нашата куќа, основана во 1887 година во Ла Шo де Фон исто така има важно минато исполнето со модели кои се уште го зачувуваат неминливиот шарм, а сега нудиме нови модели на часовниците како модерни реизданија со винтиџ вкус. Благодарение на Загор ние сега им пристапуваме на љубителите на стрипови, а знаеме дека неговите фанови – Загоровците особено внимаваат на вести поврзани со нивниот омилен стрип,“ додал Пасерико.

Генералниот директор на СБЕ, Давиде Бонели изјавил дека миланската издавачка куќа ја подготвувала соработката со „Еберхарт“ во тајност со цел да биде изненадување во годината кога се слави годишницата на Загор, една од многуте во нивната 80-годишна историја започната од неговиот дедо Џанлуиџи Бонели. Него го наследиле сопругата Теа и синот Серџо, таткото на сегашниот директор.

„Нашата претприемачка приказна е создадена со многу емоции, поврзани со авантурите на нашите ликови меѓу кои е и Загор, јунак кој во јуни ја премина важната точка од 60 години на киосците, роден од фантазијата на татко ми и четкичката на Галиено Фери,“ посочил Бонели, за кој иницијативата за часовник кој е комбинација на врвната швајцарска занаетчиска умешност и духот на стрипот, кој „Еберхард“ ентузијастички го прифатил.