Разработен плагијат и несериозен труд е физибилити-студијата за концесија или јавно-приватно партнерство за зимскиот центар Попова Шапка, изјави за „Порталб.мк“, Менан Мемеди, поранешниот директор на подружницата „Попова Шапка“ на ЕЛЕМ.

На вчерашната презентација на студијата платена 200.000 евра не беа пуштени новинарите, а според Мемеди причината за тоа е што физибилити-студијата е плагијат и некој сакал да го скрие тој факти.

– Јас очекував нешто посериозно, ова не е физибилити студија, туку само кратка историја на Попова Шапка и некои предлози што сме ги слушале постојано. Имаше многу неодреденост – дали ќе се продава или ќе се прави јавно-приватно партнерство, но презентацијата беше разочарувачка и сметам дека беше голем плагијат. Јас мислам дека ова беше причината што компанијата „ПрајсВотерХаус Куперс“ (PWC) не ги пушти новинарите да влезат. Информациите што ги дадоа не беа нивни, само нешто напишале за да ги земат парите – вели Мемеди, кој беше на вчерашната презентација на која на новинарите не им беше дозволено да влезат.

Хамди Сулејмани од „Да ја спасиме Попова Шапка“ исто така има многу дилеми во поглед на студијата и ги повика градоначалниците и пратениците од Полошкиот регион да дискутираат на оваа тема, пишува Порталб.мк.

– Целата дискусија внатре се фокусираше на капиталот на ЕЛЕМ, што е голема грешка, бидејќи сите капацитети на овој зимски центар мора да се земат предвид. По оваа средба, ги повикувам градоначалниците и пратениците од Полошкиот регион да дискутираме за решение на проблемот со Попова Шапка – вели тој.

На вечерашната седница на Владата што треба да се одржи во Тетово ќе бидат презентирани седумте опции за развој на Попова Шапка кои се понудени во физибилти студијата, речеа министерот за економија Крешник Бектеши при денешната посета на Тетовско.

Тој рече дека информации ќе добијат и градоначалниците на полошките општини кои ќе бидат на владината седница во Тетово.

Според Бектеши, во игра се три опции за зимскиот центар.

– Физибилити студијата ни даде насоки кои ние како Влада ќе ги диксутираме со граѓаните и ЕСМ. Посочувам на три опции, една да има јавно приватно партнерство, втора концесија и трета потполна продажба на сместувачки и угостителски капацитети бидејќи работат со загуба. Идејата за јавно-приватно партнерство е во оптек поради инвестициите што веќе ги правиме со патот – рече Бектеши.

Во презентацијата е посочена и идејата за изградба на жичница од Тетово до Попова Шапка. Според калкулациите на консултантите, изградба на новата жичница, која треба да ја замени старата што стана минато пред неколку децении, ќе чини 23 милиони евра, појасни министерот за економија.