fbpx

Економскиот институт – Скопје ја одбележа 70-годишнината од неговото постоење [фото]

-

Економскиот институт – Скопје вчера свечено ја одбележа 70-годишнината од неговото основање во 1952 година. На свеченоста, покрај директорот на Економскиот институт, проф. д-р Зоран Јаневски, свое обраќање имаше ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Никола Јанкуловски, како и министерот за образование и наука на Република Северна Македонија, д-р Јетон Шаќири.

Директорот на Економски институт-Скопје, проф. д-р Зоран Јаневски, во своето обраќање се осврна на седумте децении постоење на Институтот, кои значат континуитет и развој во сите сегменти на неговото досегашно делување – научноистражувачката и апликативната дејност, издавачката дејност, градењето на соработка и партнерства со сродни институции во земјата и во странство, а во последните децении и на вклучувањето и проширувањето на образовната дејност во напредните степени на високото образование.

За успехот на Економскиот институт говорат насловите и содржината на повеќе од 500-те изработени домашни и меѓународни истражувачки проекти, кои перманентно ги следат достигнувањата на научната мисла во светот од теоретски, развоен и стручно-апликативен аспект. Институтот во текот на своето постоење има објавено повеќе од 180 посебни публикации, а во последните 24 години, го издава научното списание Economic Development, кое е со меѓународен уредувачки одбор, и е индексирано во базите на списанија EBSCO и CEEOL.

Директорот на Економски институт, меѓу другото, издвои дека на оваа високообразовна институција магистрирале повеќе од 900 студенти на повеќе студиски програми на втор циклус на студии од областа на економските науки, организациски науки и управување и дека докторирале повеќе од 250 доктори на науки во три научни области.

Во своето обраќање по повод Јубилејот, Ректорот проф. д-р Никола Јанкуловски, истакна дека научноистражувачката и апликативната дејност на Економскиот институт во подрачјата на економските науки, организационите науки и демографијата е препознатлива и заслужува да биде високо вреднувана, меѓу другото, поради: огромниот број на реализирани проекти, публикувани посебни изданија и на објавени научни и стручни трудови; резултатите на научноистражувачката и апликативната дејност и нивното влијание при креирањето на економските политики на земјата, како и на целисходноста на понудените предлози за подобрување на тековните состојби во јавниот и реалниот сектор; но, и поради актуелноста и уникатноста на предложените теми за попродлабочена научна и стручна опсервација во проектите кои веќе една деценија се реализираат со финансиски средства од интегративните функции на УКИМ.

Истовремено, тој потенцираше дека Економскиот институт го има поддржано процесот на дигитална трансформација и стана еден од пионерите во имплементацијата на концептот Отворена наука. Ваквиот пристап го издвојува од другите сродни организации, а имплицира олеснето следење на современите трендови во научната и образовната дејност, како и поголема вклученост на науката во економските текови.

Министерот за образование и наука, д-р Јетон Шаќири, обраќајќи се на присутните издвои дека обемната научно-истражувачка дејност сработена од страна на научниот кадар на Економски институт, од основањето до денес, заслужува искрени честитки и претставува достоен резултат и исклучителен придонес во развојот на науката. Тој, меѓу другото истакна дека науката е таа што најдобро го покажува правецот во услови кога светската економија е посложена од кога било досега и кога има многу глобални предизвици, како енергетската и мигрантската криза, пандемијата, климатските промени итн.

Затоа, Владата и МОН ги промениле политиките во насока на унапредување на научно-истражувачката дејност, а инвестициите во науката ги вратиле во буџетските ставки, зголемувајќи ги финансиските средства и давајќи им повеќе можности на научните работници.

Во рамки на одбележувањето на значајниот јубилеј – 70 години од постоењето, Економскиот институт потпиша ЕДУ партнерски договор со Даталаб МК, фирма за поддршка на компаниите во процесот на дигитална трансформација. Станува збор за компанија која соработува со повеќе образовни институции во регионот, овозможувајќи им пристап до модерни алатки за оперативно функционирање.

Соработката на Економскиот институт со Даталаб, се базира на доделување лиценци од деловниот софтвер Pantheon ERP и ќе резултира со формирање на Лабораторија за дигитална трансформација. Даталаб МК и Економскиот институт, покрај тоа што ќе соработуваат во едукативни цели, на пазарот ќе понудат и комерцијални пакет услуги за деловните субјекти во земјата, користејќи ги максимално ресурсите кои им се на располагање.

Како дел од свеченоста по повод 70 години од постоењето на Институтот, беа доделени благодарници за државни институции, факултети и институти од земјата и од странство, меѓу кои и на: Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија и на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија. Благодарници им беа доделени и на приватни компании, фондации и поедници со кои Економскиот институт – Скопје имал успешна и долгогодишна соработка.

Во рамки на прославата, Економски институт-Скопје им додели пофалници на студенти, кои магистрирале во периодот од 2017-2022 година, на одделните студиски програми од втор циклус на студии на Институтот, а кои оствариле забележителен успех и висок просек на оценки. На овие студенти, покрај пофалниците, Економскиот институт, во соработка со Даталаб МК, им врачи и специјални награди во форма на едногодишна лиценца на деловниот софтвер Pantheon ERP со вклучени сите модули и пристап кон дигиталните ресурси за обука.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК: Jавен увид и промени во избирачкиот список може да се прават до вечерва на полноќ

Апелираме до граѓаните дека јавниот увид во Избирачкиот список како и промена, запишување и бришење на податоци ќе може да се направи уште денес, 18 март, до 24 часот, соопшти...