fbpx

Економскиот и инвестициски план за Западниот Балкан: нова надеж или ново пакување?

Анализа за „Порталб.мк“ од Малинка Ристевска, Јорданова, Институт за европска политика

-

Оваа година Економскиот и инвестицискиот план на Европската комисија за Западниот Балкан го засени нејзиниот пакет докумeнти за проширувањето. Европската комисија сака да испрати политичка порака дека е посветена на регионот на Западниот Балкан и да го поврати веќе разнишаниот кредибилитет. Меѓу главните причини за донесувањето на Планот е опстојувањето на јазот во економскиот развој меѓу регионот и ЕУ, кој нема да може да се премости во подолг временски период, без значајни инвестиции и структурни реформи. Многумина од нас што памтат подолго ова ги асоцира на претходните најави за големи планови, споредувани со Маршаловиот план уште од 1999 година. Таквата споредба се покажа нереална, но да видиме што сега реално се нуди.

Автор: Малинка Ристевска Јорданова

Да погледнеме најпрвин колку средства се предвидени и од каде доаѓаат тие.

Европската комисија најави 9 милијарди евра, на кои треба да се „накалемат“ уште 20 милијарди евра инвестиции. Според зборовите на комесарот за проширување, се очекува влијанието на овие 29 милијарди евра врз инвестициите во регионот да биде во висина на 3,6 отсто од БДП. Овде се смета и на заеми од Европската банка за обнова и развој и на Европската инвестициона банка, но и средства од други инвеститори, како и на новововедениот гарантен фонд.

Јасно е дека овие 9 милијарди средства се од ИПА III. Засега, според предложениот седумгодишен буџет на Унијата (документот се вика Повеќегодишна финансиска рамка за периодот 2021-2027), за ИПА III вкупно се распределени 14,162 милијарди евра, што е зголемување од 1,363 милијарди евра во однос на претходниот седумгодишен период. Тоа не е значително зголемување, со оглед на потребите на државите од регионот, но е зголемување.

Второто прашање е кои се приоритетите и за што се предвидува средствата да се користат.

Со самата најава дека 9 милијарди евра од ИПА III се определени за Економскиот и инвестицискиот план за Западен Балкан, битно се менува структурата на средствата и начинот на кој ќе се користат. Практично, најголемиот дел од средствата од ИПА III – скоро две третини одат на ниво на регионот. Средствата се програмираат според приоритет, а не по т.н. „национални коверти“. Ваквата рапсределба ѝ дава повеќе простор на Комисијата за управување со средствата, но и за групирање во поголеми проекти. Toa значи дека и капацитетите во државите, кои и онака се слаби, ќе треба во голема мерка да се пренасочат кон ваквите проекти.

Планот утврдува 6 приоритети – одржлив транспорт, чиста енергија, животна средина и клима, дигитална иднина, развој на приватниот сектор и развој на човечкиот капитал. Понатаму се разработуваат 10 иницијативи во овие области. Овие иницијативи не се нови, туку повеќе години се предлагаат и дискутираат на регионално ниво.

Да видиме што поконкретно во нив има за Северна Македонија.

Во трите иницијативи од областа на транспортот, нашата држава учествува со веќе историскиот проект на железница до границата со Бугарија. Инаку, во Извештајот, Европската комисија наведува дека овој проект досега е реализиран само 28 отсто. За жал, во плановите за патната инфраструктура, и покрај повеќето проекти, Македонија не е застапена.

Во областа на енергетиката, за разлика од другите држави во регионот, каде се планира изградба на хидроцентрали, за Северна Македонија се набележани електрани на ветер и соларна енергија. Покрај тоа, планирано е да започне со изградба поврзувањето на гасоводната мрежа со Косово и да се подготви поврзувањето со Србија. Предвиден е и т.н. „бран на ЕУ за реновирање“ – инвестиции во градби за енергетска ефикасност, во кои не се прецизирани посебни проекти за секоја држава.

Пречистителната станица на Вардар во Скопје е големиот проект предвиден во областа на животната средина, а за сите држави освен Босна и Херцеговина, предвидени се и инвестиции во регионалното управување со цврстиот отпад.

Инвестициите во дигиталната инфрастуктура не се прецизирани по држави, а се однесуваат на дигиталната широкопојасна инфраструктура и други проекти кои се на линија на стратегиите и законодавството на ЕУ во оваа област.

За подигање на конкурентноста на приватниот сектор, исто така, се предвидуваат хоризонтални интервенции, како зголемување на грантови шеми во Инвестиционата рамка за Западен Балкан, инструмент за гаранции, како и инвестиции во агро-индустријата и руралниот развој.

Конечно, се планира да се воведе младинската гаранција во целиот регион – инструмент што во нашата држава веќе успешно се спроведува.

Може да се води натамошна дискусија дали се малку или многу проекти. На крајот на краиштата, битно ќе биде тоа што ќе се спроведе. За да се спроведе –  мора да градиме, и тоа итно, многу посилни капацитети од оние што го имаме сега, особено за големи проекти.

И уште една напомена. При презентацијата на овој документ и извештаите во Европскиот парламент, едно од прашањата што најмногу ги интересираше пратениците е дали средствата ќе бидат условени со владеењето на правото, односно дали на држава која нема резултати на овој план или има регрес, ќе можат да ѝ се скусат средствата. Факт е дека таквата условеност и сега постои, а со новата методологија на проширување е уште поизразена. Но, кога најголем дел од средствата се насочуваат во регионални рамки, а не во национални коверти, тогаш казната за една држава секако би имала реперкусии и врз другите.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...