Угледната британска истражувачка организација „Економист интелиџенс јунит“ (ЕИУ) предупреди дека ако Доналд Трамп стане претседател на Америка, тоа може да ја загрози светската економија, да ја зголеми заканата од исламистички терористички напади и да ја разгори трговската војна на САД со Мексико и со Кина.

ЕИУ заканата што ја претставува Трамп ја оцени со 12 на скалата до 25, односно со иста оцена каква што има и евентуалната исламистичка милитантна закана за глобалната економија, пренесува „Ен-би-си њуз“.

При давањето на оцената се земени предвид повеќе работи, како отпорот на Трамп кон слободната трговија, обвинувањата на сметка на Кина дека „манипулира со валутата“, заговорите да се убијат семејствата на терористите и предлозите да се испрати копнена војска во Сирија за борба против Исламска држава, за да се заземат сириските нафтени извори.

Ова е првпат ЕИУ евентуалната победа на некој претседателски кандидат да ја оцени со висока бројка.

„Неговите воени претензии кон Блискиот Исток би придонеле за регрутирање нови милитанти, што би ја зголемило заканата во регионот и пошироко. Иако не се очекува Трамп да ја победи демократската противничка, Хилари Клинтон, САД би се соочиле со зголемена терористичка закана и со економски пад“, образложуваат од ЕИУ.