Еколошките организации бараат заштитните зони на Шара да ги опфатат и малите хидроцентрали

Фото:Petrovnik / CC BY-SA

Предлог-законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк, што го усвои Владата, не обезбедува заштита од најголемиот еколошки проблем на планината, малите хидроелектрани, сметаат граѓанската организација „Еко-свест“ и Македонското здружение на млади правници.

Во заеднички допис до јавноста, двете организации посочуваат дека првата верзија на предлог-законот, согласно со препораките од Студијата за валоризација на Шар Планина, содржеше заштитни појаси за веќе изградените мали хидроелектрани, со што тие беа третирани како инфраструктура која што има негативно влијание врз заштитата на природата и за која има потреба да се ограничи негативното влијание. Во верзијата, пак, која што беше усвоена од Владата, овие заштитни појаси не постојат, освен тој за ски центарот Попова Шапка. Единствениот третман што го добиваат малите хидроелектрани на Шара е како постоечка инфраструктура од јавен интерес, чие што одржување, според предлог-законот, може да се одвива непречено во сите зони на паркот.

„Доколку заштитата на природата е јавен интерес, а предмет на предлог-законот е токму ова, тогаш сите други активности што имаат негативно влијание врз исполнувањето на целите од законот треба да бидат јасно дефинирани и ограничени. Првото решение со заштитни појаси за малите хидроелектрани нудеше многу појасно разграничување и овозможуваше подобра заштита на Шар Планина“, смета Давор Пехчевски од „Еко-свест“.

Со оглед на тоа што според Законот за заштита на природата, заштитата на природата претставува дејност од јавен интерес, а Шар Планина се заштитува согласно овој закон, двете организации констатираат дека е нејасно, како инфраструктура која што има докажано негативно влијание врз природата, може да постои и да функционира во сите зони на националниот парк, вклучително и зоната на строга заштита. Заради тоа граѓанските организации се децидни дека заштитните појаси кои првично беа предложени околу секоја мала хидроелектрана во идниот парк треба да се вратат во Предлог Законот.

„Ваквата формулација што е дадена во усвоениот Предлог Закон создава опасен преседан за сите подрачја што чекаат прогласување или репрогласување, а имаат сличен проблем со штетни инфраструктурни проекти. Доколку еднаш се дозволи постоење на вакви проекти во најстрого заштитените зони, тогаш веќе заштитата на природата го губи своето значење. Сите подрачја што чекаат заштита ќе бидат на уште поголем удар“, вели  Ана Чоловиќ Лешоска од „Еко-свест“и WWF Adria.

За екологистите и правниците нејасно е како е направена ваквата измена, бидејќи во Извештајот од спроведените јавни консултации сите коментари и забелешки од граѓанските активисти и граѓаните се дадени изворно и со име и презиме, додека коментарите и забелешките од бизнис заедницата, стопанските комори, ЗЕЛС и општините воопшто не се дел од извештајот. Оттука, нема поврзаност помеѓу новите измени во Законот и барањата на консултираните страни. Измените се исто така пренесени и во Анексот на Студијата за валоризација на Шар Планина, каде што е дефинирано новото зонирање на паркот и е тргната препораката за малите хидроелектрани да се воспостават заштитни појаси.

„Извештајот за консултации со јавноста кој Министерството за животна средина го објавило на својата веб страна не е во согласност со правилата за процена на влијанието на регулативата затоа што не содржи целосни информации за сите добиени мислења од сите засегнати страни, преглед кои мислења се дадени од конкретна засегната страна ниту преглед на мислењата, забелешките и сугестиите кои не биле прифатени од страна на министерството и образложени причини за тоа,“ смета Јасна Оровчанец- Аранѓеловиќ од Македонското здружение на млади правници.