Техничките служби, во јавноста познати како служби за хомологација, ќе ги доделуваат еколошките налепници  за возилата врз основа на документите и годината на производство, а не со мерење на издувните гасови, велат од Министерството за економија.

Ова е одговор на прашањето на „Мета“ како ќе изгледа самата постапка за еколошка категоризација, за која има многу нејаснотии, бидејќи предлог-законот што ја предвидува оваа новина дури вчера влезе во собраниска процедура. Јавноста досега претпоставуваше дека доделувањето на еколошката категорија и соодветната нелепница се доделуваат врз основа на измерените вредности за гасовите и честичките што возилото ги испушта.

„Постапката за еколошка категоризација  на моторните возила, започнува со поднесување на барање со документација за возилото (сообраќајна дозвола, фотокопија од потврда за сообразност- СОС сертификат и други документи за да се утврди дека конкретното возило кога е произведено и кој ЕУРО стандард на емисии го исполнува) од сопственикот на возилото до техничката служба. Техничката служба ја разгледува доставената документација, ја утврдува еколошката категорија и издава потврда и еколошка налепница во соодветна боја. Техничката служба не врши мерење на емисии на гасови од моторот на возилото, туку прави идентификација на документацијата на моторното возило“, објаснија од Министерството за економија.

Процесот на измени на овој закон почна на 5 јануари годинава, а конечно Владата го достави законот во Собранието на 6 ноември.

Тројца владини министри или заменик-министри – Крешник Бектеши, Оливер Спасовски и Јани Макрадули на 8 и 10 ноември – ги најавија еколошките налепници како една од мерките што ќе придонесат за намалување на загадувањето на воздухот.

Како што за „Мета“ објаснија од Министерството за економија категоризацијата според новиот закон би се правела само еднаш и налепницата би важела сè додека не се смени законот или во возилото не се вгради уред за течен нафтен гас, или метан, со што возилото би можело да помине во повисока категорија.

„Категоризација се врши само еднаш пред регистрација на возилото или порано, кое зависи од сопственикот на возилото и категоризација не се прави секоја година“, одговорија од Министерството за економија на прашањето дали со новиот закон се очекува да се создаваат гужви.

Екологистите велат дека е бесмислена ваквата мерка, бидејќи кога веќе се прави категоризација тоа треба да биде врз основа на реалната состојба, односно да се доделува налепница врз основа на загадувањето што реално возилото го предизвикува, а не само врз основа на годината и моделот.

– Не може да се прави категоризација само врз основа на документите. Налепниците имаат поента само доколку секоја година при технички преглед се врши мерење на емисиите на возилото. Само тогаш, не по дифолт и по датум на производство и по модел, поради тоа што сите знаат дека со текот на времето колата го губи стандардот. Ваквата мерка нема да вроди со плод – вели Ана Чоловиќ – Лешоска, директор на Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“.

Тие уште во 2016 година заедно со други организации го изнесоа предлогот за еколошка категоризација во рамките на низата препораки што ги дадоа за справување со загадувањето и Чоловиќ – Лешоска е фрапирана што се донесува вакво несоодветно решение.

Новите прописи би стапиле на сила шест месеци откако законот ќе биде усвоен и објавен во „Службен весник“.

По стапувањето на законот на сила, со зелена налепница, за 1 еколошка категорија, ќе се означуваат возилата со стандарди Евро 5 и Евро 6, како и возилата со Евро 4 на кои е вграден уред за течен нафтен гас или компримиран земјен гас, како и електричните и хибридните возила. При енормно зголемување на загадувањето на воздухот во градовите, тие возила ќе може слободно да се движат во заштитените еколошки зони, според одлуките на општините и Град Скопје.

Втората еколошка категорија,со жолта налепница, ќе ја сочинуваат возилата со стандарди Евро 3 и Евро 4, како и возилата со Евро 2 на кои е вграден уред за течен нафтен гас или компримиран земјен гас. За тие возила при зголемено загадување ќе има ограничување на движењето, според одлуките на општините и градот Скопје.

Во третата, најниската категорија, која ќе се означува со црвена налепница, ќе бидат возилата со Евро 2 или Евро 1 стандард, или без таков стандард. За нив ќе биде забрането сообраќањето во периоди на загадување на воздухот.

Правилниците и одредбите ќе се донесуваат од општините и Град Скопје по донесувањето на законот.

Предлог-законот предвидува и субвенции од 5.000 евра за секое купено електрично возило, а 3.000 евра за купено хибридно возило. Во првата година по стапувањето на законот ќе се доделат вкупно 200 такви субвенции.

Исто така, ќе се субвенционира вградувањето на уреди на течен нафтен гас или на компримиран земјен гас, односно метан, и тоа најмногу 50 отсто од трошоците за набавка и вградување на уредот, но најмногу до 300 евра по возило. Во првата година се планираат 1.200 такви субвенции.