Еколошките активисти од Зелен хуман град бараат транспарентност на Планот за одржлива мобилност на Скопје

Фото: Архива на Мета

Еколошките активисти од Зелен хуман град бараат транспарентност во изработката на Планот за одржлива мобилност на Скопје (SUMP). Овој пан, според објавата на тендерот, треба да ги интегрира јавниот превоз, намалувањето на моторниот сообраќај, паркинзите, пешаците, реалокација на постоен автомобилски простор кон одржлива мобилност, возењето велосипед, пристапноста за лицата со посебни потреби, постарите, децата, лицата со помали приходи, уредувањето на доставата, како и безбедноста во сообраќајот.

Изработката на Планот започна во март, со затворањето на тендерот и треба да трае до 2022 година.

Сепак, посочуваат од Зелен хуман град, досега нема објава за изборот на изработувач на овој план, повици за јавна партиципација на граѓаните и известувања како ќе се одвива изработката. Тоа, како и фактот дека во Градот Скопје и некои општини течат постапките за определување локации и земјиште за катни гаражи и подземни паркинзи, им дава причина да се сомневаат дали паркирањето во главниот град навистина ќе се уредува со Планот.

„Европската унија ќе даде два милиони евра за изработка на План за одржлива мобилност на Скопје (SUMP). Тој план според објавата на тендерот, помеѓу другите битни прашања, треба да ги опфати и интегрираните политики за паркирање. Рокот за изработка на планот е до 2022 година, а кај нас процесот веќе тече без никаква транспарентност и многу прашања остануваат неодговорени. Во меѓувреме се склучуваат договори со инвеститори, а граѓаните воопшто не се вклучени“, посочуваат од ЗХГ.

Екологистите реагираат на најавата дека во општината Чаир ќе се градат 3.000 паркинг места на 12 локации, од кои едната е кај плоштадот Скендер бег, со инвестиција од 50 милиони евра. Бараат да бидат објавени сите локации, а граѓаните да бидат информирани дали можеби со нивната изградба ќе се уништи јавен простор, зеленило или други добра и бараат граѓаните да бидат прашани и да ја дадат својата согласност.