Криминалистичката полиција ефикасно да ги открива случаите на еколошки криминал

Фото: Ria Puskas on Unsplash

Загадување на воздухот, водата, почвата, деградација на дивиот свет, намалување на биодиверзитетот и нарушување на еколошката рамнотежа. Секојдневно живееме многу аспекти на еколошкиот криминал. Експертите посочуваат дека ќе има вистинска борба со еколошкиот криминал, само ако криминалистичката полиција ефикасно ги открива делата и собира доволно докази, за да може на основа на тоа да поднесе кривична пријава до јавното обвинителство, од каде ќе биде процесирана до судот.

Свеста за криминалот против животната средина во земјава е на многу ниско ниво. Слично е и нивото на неговиот третман во институциите кои треба да нè заштитат. Иако законската легислатива е усогласена со европското законодавство, сепак е мал бројот на поведени кривични или прекршочни постапки, а уште помал е бројот на изречени казни во судовите.

Злосторствата поврзани со животната средина не се без жртви, велат во Центарот за правни истражувања и анализи. Штетата што ја предизвикуваат врз екосистемите и животната средина се мери преку ризикот од болести, еколошките катастрофи, неповратните климатски промени, контаминацијата на синџирот на исхрана, намалениот животен век и конечно, преку бројот на изгубени човечки животи.

Сепак, и покрај тоа, според истражување спроведено од Центарот за правни истражувања и анализи, за периодот од 2017 до средината на минатата година, во земјава се пребројани само 185 судски предмети кои тангираат еколошки криминал. Од нив, 132 се пресуди, додека останатите се различни решенија и дописи.

„Изречена е само една затворска казна, 81 се условна осуда, 31 се парични казни и една е условна осуда со заштитен надзор. Паричните казни се во висина од 300 до 500 евра кај 15 пресуди, кај пет е доделена казна од 1.000 евра и останатите се во ранг од 600 до 800 евра“, вели за Мета Никола Јовановски од овој центар.

Една од најважните работи за повисока заштита на животната средина и природата е јакнењето на свеста кај граѓаните и кај институциите за постоењето на еколошкиот криминал, смета професорката на Факултетот за безбедност, Марина Малиш-Саздовска. Според неа, многу често граѓаните воопшто не ги препознаваат кривичните дела, па затоа не ги ни пријавуваат. Ова се однесува и на загадувањето на водата за пиење, шумските пожари и пустошењето на шумите, илегалното депонирање и тргување со отпад и мачењето на животни, како и нелегалната трговија со диви или ретки животни, воведувањето нови видови и вкрстувањето на различни сорти. Сите овие кривични дела, за жал, се и многу чести појави со кои се сретнуваме во секојдневието.

„Во Италија, на пример, беше откриен случај на илегално внесување на волци од Сибир за да се вкрстат со некои врсти на кучиња и да се добијат нови раси“, вели Малиш-Саздовска.

Во Анализата на празнините и недостатоците – предизвици и можности за институционалната и правната рамка на животната средина, која ја изработи Центарот за правни истражувања и анализи, е констатирано дека во најголем дел се донесени актите кои се однесуваат на заштита и управување со животната средина и се утврдени функциите на надлежните чинители како и содржините кои директно или индиректно ја регулираат животната средина.

Но, тука, нагласува Јовановски, ќе се запрашаме што ако има закони, кога сите гледаме дека состојбата не е добра. Причините лежат во недоволните административни капацитети на централно и локално ниво кои не можат да обезбедат ефикасно спроведување на релевантното законодавство.

На пример, Државниот инспекторат за животна средина, како единствен орган на инспекцискиот надзор над примената на законите од областа на животната средина, е надлежен за над 25 закони и повеќе од 250 подзаконски акти, а функционира со помалку од 50 отсто од предвидениот број на инспектори. Слична е ситуацијата и во Министерството за животна средина каде систематизацијата на работни места е исполнета само 55 отсто, што укажува на многу низок степен на исполнетост и недоволно капацитети за спроведување на законската надлежност на институцијата.

„Огромен проблем е и непостоењето на специјализирани судови за заштита на животната средина. Во рамките на проектот за добро управување со животната средина во соработка со АСЈО изработивме и Курикулум за обука на судии и јавни обвинители. По нив беа и одржани четири обуки со судии, јавни обвинители и стручните служби како прв чекор во надминување на оваа слабост“, вели Јовановски.

Дека за сузбивањето на еколошкиот криминал, мора да се работи на едуцираноста и екипираноста на државните институции, се согласува и професорката Малиш-Саздовска. Ова, според неа, пред сè се однесува на Министерството за внатрешни работи, Царината, јавното обвинителство и судовите. Обезбедувањето на компетентен и стручен кадар со доволен број вработени, како и набавка на технички средства се неопходност, а мора да се зајакне и меѓуинституционалната соработка, бидејќи еколошкиот криминал е организиран.

Во земјава, посочува таа, има повеќе институции кои се добро екипирани за справување со овие појави, но има и некои кои ќе мора дополнително да се екипираат. Смета дека Министерството за внатрешни работи мора да воведе посебен оддел кој би се занимавал само со еколошки криминал.

„Кај нас најмногу се суди за недозволен лов и риболов, а помалку за дела против животната средина. Некои предмети се одбиваат, што значи дека има и неквалитетни пријави. Тие се отфрлаат од обвинителството, а ако некои дојдат и до судот има случаи, каде заради недоволна едукација на судиите и јавните обвинители, се изрекуваат многу мали казни. Најчесто тоа се парични и условни осуди. Секогаш кога постои блага казнена политика нема вистиско сузбивање на лошата практика. Највисоката казна досега е 100.000 евра, а тоа е вистинска реткост“, вели Малиш- Саздовска.

Таа посочува дека ако сакаме вистинска борба со еколошкиот криминал, криминалистичката полиција мора ефикасно да ги открива делата и да собере доволно докази за да може да поднесе квалитетна кривична пријава до јавното обвинителство, која од каде ќе биде процесирана до судот.