Националниот парк „Маврово“ да добие привремена заштита, додека не се репрогласи како заштитено подрачје според новиот закон, побараа 28 граѓански здруженија. Барањето, кое е поддржано и од 21 пратеник од интерпартиската парламентарна „Зелена група“, денеска на средба со претставници на Националниот парк „Маврово“, Македонско еколошко друштво (МЕД), „Еко-свест“ и „Фронт 21/42“, му беше предадено и на министерот Насер Нуредини. Целта на барањето e паркот да се заштити од деградирачки активности како урбанизација, изградба на мали хидроцентрали и други активности во периодот додека не се усвои законот за негово репрогласување.
„Нѐ радува тоа што министерот Нуредини се согласи дека за овој период е потребен механизам кој ќе спречи штетни активности во паркот. Управата на НП ‘Маврово’ целосно го поддржува барањето на граѓанските организации, а нејзните претставници сметаат дека таков документ ќе им биде од голема помош за справување со проблемите со кои се секојдневно се соочуваат како легализацијата на дивоградби, концесиите, урбанизацијата и други“, велат од „Фронт 21/42“.
На состанокот, информираат од „Еко свест“, се дискутираше и за рано вклучување на локалното население во постапката, идентификување на можностите за економски развој на регионот согласно начелата за заштита на природата, како и за задржување на традиционалните активности како главни двигатели на локалниот развој.
Од Министерството за животна средина велат дека на работниот состанок се разговарало за напорите за забрзување на процесот на репрогласување, како и дека се подготвени да му помогнат ЈУНП „Маврово“ во обезбедување на финансиски средства потребни за ревизија и дополнување на Студијата за ревалоризација на ова заштитено подрачје од 2012 година.
„Задоволен сум што граѓанските здруженија го потврдија својот интерес за што поскоро завршување на овој процес со што ќе се обезбеди подобра заштита на природните вредности, но и ќе се овозможи социо-економски развој на подрачјето. Завршувањето на процесот на револоризација е услов за донесување на Планот за управување со националниот парк, што е основа за обезбедување на донаторска поддршка“, посочи Нуредини и ја истакна важноста од изработка и на Социо-економска студија врз чија основа правилно ќе се трасира развојот на подрачјето кое има одлични природни вредности, но и многу неискористени можности.