Доколку не се превземат итни мерки за справување со тешката состојба во која се наоѓа животната средина во државата, ќе ги искористиме сите демократски права и средства во борбата за заштита на нашето уставно загарантирано право на здрава животна средина и покрај досегашните форми на организиран протест, блокади, ќе повикаме и на граѓанска непослушност, бојкот на избори и други форми на отпор, соопштија еколошките граѓански здруженија, по средбата со претседателот на државата, Стево Пендаровски.

„Над 25,000 наши граѓани починале прерано изминативе осум години поради загадениов воздух кој го дишеме, институциите не ни функционираат, полицијата затајува во својата основна функција, живееме со затворени прозорци најголем дел од годината поради токсичниот чад кој се шири од околните запалени диви депонии, кабли, гуми, неутврдени извори на смрдливи хемикалии кои ни ги печат очите, грлото, ни го земаат здивот. Ние живееме во вонредна, кризна состојба, за која изостанува официјална декларација“, се вели во пораката која група граѓански активисти вчера ја упатија лично до претседателот Пендаровски, како претставници на здружените граѓански организации и иницијативи, потписници на отвореното писмо упатено до него на 30 октомври 2019 година.

Соопштението е објавено ден по средбата со Пендаровски која беше на негова покана, а го потпишаа здружените граѓански иницијативи чијшто фокус е борбата против загадувањето и загрозувањето на природата и здравата животна средина: Скопје Смог Аларм, Не биди ѓубре, О2 Иницијатива, Здравје пред профит, Еко Герила, Група граѓани Визбегов, „Битола сака чист воздух“, Fridays For Future Skopje, AirCare – МојВоздух, Ние сме Карпош 4, Го Сакам Водно и Движење за чист водух.

„Претседателот е последната инстанца, надеж во долгиот ланец на институции до кои сме се обратиле во нашата долгогодишна и исцрпувачка борба на залагања, барања, чекања и очекувања институциите како организиран систем да нè изведат од вонредната состојба во која живееме. Соочени сме со неагилноста и неодговорноста на локалната власт, како најблиска да ги реши нашите непосредни проблеми, со некоординираноста и недоволна активност на централната и на локалната власт да ги спроведат законските одредби, а немањето на поддршка од МВР ја поткопа довербата дека е сојузник во решавањето на проблемот“, велат граѓанските активисти

Екологистите на средбата кај Пендаровски изнесоа неколку клучни барања, меѓу кои е и прогласување на кризна состојба и учество на Армијата во поддршка на полицијата, согласно законот за управување со кризи доколку преземените активности од координативниот состанок на надлежните институции на централно и локално ниво, одржан на 01.11.2019 во просториите на Владата, не дадат очекуван резултат за кратко време.

Екологистите бараат загадувањето и климатските промени да се третираат и класифицираат како закана и ризик по националната безбедност и преминат од „само“ еколошки проблем во безбедносен проблем поради бројот на починати годишно од аерозагадувањето.