Екологистите контра Анѓушев: Нема бенефити од малите хидроцентрали

Од изградбата на мала хидроелектрана на Маркова река | Фото: Приватна архива

Еколошките организации се против изградба на мали хидроцентрали за кои сметаат дека ги уништуваат реките и живиот свет кој зависи од нив. Екологистите не се согласуваат со ставот на претседателот на Групацијата на мали хидроцентрали во Стопанската комора на Македонија, Тодор Анѓушев, кој тврди дека тие носат само бенефит на државата. Инвестициите во обновливи извори на енергија, според нив, мора да растат, а државата да најде механизми да ги поттикнува, но не по цена на уништување на природата.

Анѓушев денеска, на прес конференција во СКМ, зборувајќи за значењето на обновливите извори на енергија во земјава, побара да се поттикне изградбата на мали хидроцентрали. Тој истакна дека доколку се изградат уште 200, со сегашните 103, придобивките за државата ќе бидат големи, околу 360 милиони евра. Анѓушев го потенцира ангажирањето на домашните градежни фирми, фирмите за опремување, како и плаќањето на разни други надоместоци на државата, концесии, како и инвестициите на приватните инвеститори.

Екологистите, пак, уште еднаш ги посочуваат опасностите од бетонирањето на речните корита и нагласуваат дека енергетскиот и економскиот бенефит од малите електрани е занемарлив.

„Изградбата на мали хидроцентрали мора да се стопира, а реките и живиот свет околку нив да се заштитат. Инвестициите во обновливи извори на енергија мора да се интензивираат, но не по цена на уништување на природата“, посочуваат од „Еко свест“.

Граѓанската организација, заедно со Македонското еколошко друштво пред два месеци во писмо, упатено до Владата и премиерот Зоран Заев, напишаа дека малите хидроцентрали придонесуваат во националниот енергетски систем со околу 4,6 отсто од вкупното производство на електрична енергија и годишно се субвенционирани со над 13 милиони евра, а од друга страна предизвикуваат непроценлива штета на биодиверзитетот. Тие побараа Владата да ги прекине сите постапки за доделување концесии за мали хидроелектрани и да ги раскине договорите за доделени концесии за мали хидроелектрани чија изградба сè уште не е започната на територијата на Шар Планина.

„Поради зафатите на речните корита, честопати реките и крајречната вегетација и живеалишта, како и сиот див свет во нив претрпуваат огромни штети и се под постојан ризик од изумирање. Дополнително, изградбата на мали хидроцентрали и нивните пристапни патишта создаваат појави на ерозија и лизгање на земјиштето што прави неповратна штета на уникатните релјефни структури во клисурите, а претставува и голем ризик во време на обилни дождови и поплави. Дополнително, со изградбата на пристапни патишта до најскриените делови од планините и шумите, се овозможува криволов, дива сеча, вознемирување на дивиот свет и изградба на цврсти објекти во подрачја што одамна се планирани за заштита. Ова е од особен проблем во случајот со нашите заштитени подрачја“, напишаа „Еко Свест“ и МЕД.

Од организацијата, покрај протестите против малите електрани во Маврово и на Шара, потсетуваат и на револтот на жителите на Пробиштип и на селата околку Маркова река, како и на случајот на селото Карпа и околината во Македонски Брод кои заради малата хидроцентрала останаа без вода за пиење во текот на летото.

Од „Еко Свест“ потсетуваат и на последниот извештај на Секретаријатот на Енергетската заедница во врска со Националниот план за клима и енергија (NECP) на Македонија во кој се нотира дека Секретаријатот препорачува во Националниот план детално да се образложат шеми за поддршка за искористување на обновливи извори на енергија, особено во врска со малите хидроелектрани, и да обезбеди дека субвенциите не фаворизираат специфичен извор на обновлива енергија кои немаат потреба од поддршка или имаат несразмерно големо еколошко влијание.

И граѓанската организација „Фронт 21/42“, веќе неколку години активно се заложува за стопирање на проектите за мали хидроцентрали, особено во заштитените подрачја на Националниот парк „Маврово“, како и на Шар Планина. Тие, заедно со уште 43 организции во ноември минатата година побараа закон со кој ќе се спречи бетонирањето на реките на Шара, а од министерот за животна средина Насер Нуредини, да ја стави Шар Планина во привремена заштита.

„Доколку се реализираат зацртаните планови, во идниот национален парк ќе има најмалку 40 мали хидроцентрали. Имајќи предвид дека врз основа на овој закон ќе се изработи Планот за управување со националниот парк, а кој се донесува за период од 10 години – Законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк, наместо долготрајна заштита, може да обезбеди законска рамка за долготрајно уништување“, реагираа од „Фронт 21/42“.