Екологистите до Заев: Владата не е свесна за сериозноста на имплементацијата на зеленото енергетско сценарио

Фото: Tengyart на Unsplash

Граѓанските организации „Еко Свест“ и „Фронт 21/42“ денеска повторно му се обратија на премиерот Зоран Заев со порака да го преиспита неговиот став дека малите хидроцентрали се најеколошки извори на енергија. Екологистите се загрижени што, во услови на климатската криза во која живееме, на покачување на глобалните температури и намалување на водните ресурси во кои сè почесто се соочуваме со сушни периоди, поради изградбата на малите хидроцентрали губиме вода за пиење и вредни предели и биодиверзитет.

Еколошките здруженија сметаат дека посочувањето на малите хидроцентрали како еколошки извор на енергија, кога многу од домашните, но и меѓународните документи го докажуваат спротивното, е аларм за погрешните насоки во спроведување на зеленото сценарио на Стратегијата за енергетика.

„Оправдано што Владата во својата Програма за работа во делот на животната средина планира да воведе забрана за изградба на мали хидроцентрали во заштитени подрачја. Но, премиерот на прес конференцијата се обрати со комплетно спротивен став, нарекувајќи ги овие проекти како „најеколошки од сите останати еколошки проекти“, велат од „Еко Свест“.

Според нив, овие контрадикторности се показател дека Владата не е свесна за сериозноста на имплементацијата на зеленото сценарио, ниту пак за потребата од трансформација на сите сектори во нашето општество за да се осигура дека енергетската транзиција ќе биде праведна за сите граѓани.

„Очекуваме поголема посветеност на државниот врв и сите надлежни инситутуции на доследно спроведување на активностите и мерките од зеленото сценарио и искрен однос кон граѓаните“, велат од „Еко Свест“.

Од Фронт 21/42 се загрижени заради ставот на Заев дека преку малите хидроцентрали „се обезбедува бидоверзитетот, преку паралелно обезбедување на рибниот фонд и протокот на реките“, бидејќи вистината е дијаметрално спротивна на неговиот и ставовите на неговите советници.

Тие на премиерот му упатија листа на документи кои го поткрепуваат нивниот став, меѓу кои се и Националната стратегија за заштита на природата, која во анализата на Закани и предизвици за хидролошките вредности, влијанието на малите хидроцентрали го оценува како „голем степен на закана“, Извештајот за стратегиска оцена на Стратегијата за развој на енергетиката, во кој негативното влијание на малите хидроцентрали се споменува во неколку наврати, и кој токму поради негативното влијание врз природата и биолошката разновидност, ја истакнува потребата од забрана за мали ХЕЦ во заштитени подрачја и го потсетија на „Зелената Агенда за Западен Балкан“ која и тој ја потпиша и која нотира дека Западниот Балкан е дом на некои од последните чисти реки на Европскиот континент, но нивната заштита останува и понатаму голем предизвик.

„Бараме да донесете одлука за итно стопирање на сите планирани хидроцентрали на територијата на Националниот Парк Маврово и на територијата на Шар Планина, која е во тек на прогласување за национален парк. Бараме и да донесете одлука за стопирање на сите планови за мали хидроцентрали сè додека не се изработи и усвои документ кој ќе содржи конечна листа на локации каде може да се изгради мала хидроелектрана водејќи сметка за животната средина, пределот и другите критериуми, и да ја воведете забраната за изградба на мали хидроцентрали во сите заштитени подрачја, кои се наведени во Програмата на Вашата Влада, токму во делот „Заштита на животната средина“, посочуваат од „Фронт 21/42“.