Фрапантно е колку површно, аматерски и ненаучно дава заклучоци човек кој постојано се повикува на науката, и за да се приближи до младите дури и се придружува на Грета Тунберг во повикот кон науката, а во презентираните податоци науката неа ја нема, се вели во реакцијата на „О2 Иницијативата“ на вчерашната прес-конференција на Јани Макрадули, зааменик-министерот за животна средина, на која тој презентираше официјални податоци за вредностите на ПМ10 честичките во воздухот, добиени од мрежата на државните мерни станици, за 2019 година.

За 2019, при што декември уште не е завршен, Макрадули тврди дека бројот на денови со среднодневни концентрации на ПМ10 над гранична вредност, за Миладиновци 31 ден, а всушност се 93 дена, за Центар вели дека е 31 ден, но надминати се 81 дена, при тоа нема податоци за 10 дена, кај Ректорат вели дека има надминување во текот на 46 дена, но надминати се 123, во Карпош 24 дена, а надминати се 75, и притоа за 9 дена нема податоци, велат од О2 Иницијативата, напомнувајќи дека Макрадули оперира со податоци за периодите јануари-март и октомври-декември, а не за целата година, иако тоа тој не го кажува на вчерашниот прес. Гази Баба нема мерења во јануари-март 2019, па не може да се пресметува воопшто за оваа мерна станица, потсетуваат од О2.

Презентирана е и максимална среднодневна концентрација на ПМ10 за 2019 за Миладиновци 156, а всушност е 241, Центар 124,2, но измерена е 263,4, Ректорат 134,2, но максималната е 390, за Карпош 120,7, но имаше 295,7, се вели натаму во реакцијата. Што споредувале, како дошле до бројките, ќе треба самите да објаснат, но за сигурно не се презентираните за назначениот период.

– Како е можно оволку голема разлика? Дали сајтот на МЖСПП и системот за известување е расипан и сите апликации како и ЕУ користеле грешни броеви? Или дали презентираните бројки се грешни и треба да се ревидираат – прашува и Горјан Јовановски, создавач на сајтот „Мој воздух“, кој ги користи токму податоците од државните мерни станици, преобјавувајќи ги паралелно со податоците за аерозагадувањето добиени од алтернативните и приватни мерни мрежи во државата.

Самите бројки презентирани на пресот, се далеку од реалноста, на моменти 3-4 пати помали од реалните, вели Јовановски, кој изработи графикони на кои се гледа колкава е разликата помеѓу податоците со кои оперираше Макрадули на вчерашната прес-конференција и оние кои се достапни на официјалната страница на Министерството за животната средина.

– Ја земавме Ректорат станицата во Скопје за пример, и таму е впечатлива разликата помеѓу бројките од пресот на заменик-министерот и измерените вредности. Во сино се дадени вредностите кои што беа презентирани на прес конференцијата, а во црвено се броевите кои AirCare – Air Quality App како што и самиот сајт на Министерството ги дава. На кои бројки сега треба да им се верува? Во 2019 голем број од станиците им фалат денови во кои не работеле сензорите и нема податоци за ПМ10 мерења. Дали ги земавте и овие моменти при пресметката и носење на заклучоците, како и податоците за температурните разлики низ годините – прашува Јовановски.

„Заменик-министерот за животна средина вели „факт е дека оваа година има значително намалување на бројот на денови со надминати среднодневни концентрации на РМ10“, се вели во реакцијата од О2. „Всушност факт е дека оваа година октомври беше со високи летни температури од 28 и 30 степени, ноември беше микс на септември и октомври, а во декември до сега не видовме вистинска зима, едвај неколку утра со температури под нулата. Факт е исто така, дека голем дел од деновите се проследени и со ветер“, велат од „О2“.

Драган Вељанов, од битолската граѓанска иницијатива „Земи здив“, осврнувајќи се на истата вчерашна изјава на Макрадули му вели „Дојдовте до факт врз база на непостоечки податоци.

– Во Битола имате две станици од кои Битола 1 не работи од 3 јуни наваму, што значи дека од 365 дена, 203 дена таа не е во функција, додека пак Битола 2 од 365 дена во 2019 година не мереше загадување 190 дена. Објаснете ни како дојдовте до фактот дека е намален бројот на денови, со надминати среднодневни концентрации на РМ10 кога системот не ви функционира – го прашува Вељанов заменик министерот, порачувајќи му да не ја навредува интелигенцијата на неговите сограѓани.