Од невладината организација „Еко свест“ ги повикуваат своите сограѓани заедно да го прослават Денот на планетата Земја со #ЗеленоВетување кон самите себе.

„Моменталниот прекин на животот каков што го знаеме ни остави можност да размислиме и да се потсетиме дека здравјето е сепак, најважно. Научивме дека претераното и недомаќинско трошење на природните ресурси предизвикува промени во климата и појава на нови болести досега непознати за човекот. Одговорноста на секого е огромна, но сега пред нас се појавува можноста да изградиме нов систем базиран на здрави и одржливи економски активности и вредности“ – велат од еко организацијата.

Тие ги посочуваат клучни аспекти на кои секој човек треба да обрне внимание, меѓу кои електричната енергија, отпадот, водата и храната. Велат дека е исклучително важно секој кој е во можност да го направи својот дом енергетски ефикасен, но и во меѓувреме да се спречат непотребни загуби на енергијата во секојдневното извршување на домашните задачи.

Апелираат секој да вложи напори во намалувањето и селектирањето на домашниот и канцелариски отпад.

„Ако се уште не постои систем за селектирање, време е сами да го создадеме – едно по едно маало, еден по еден град. Има доволен број приватни компании кои сега би требало со своите економски активности да и дадат подршка на заедницата каде ја остваруваат својата дејност“ – додаваат тие.

Активистите ја потенцираат и важноста на водата која отсекогаш му е достапна на човекот во изобилие, но тој никогаш не научил да ја штеди и чува.

„Време е да почнеме да ги штедиме водните ресурси, бидејќи се скапоцени. Како заедници имаме моќ да се самоорганизираме и да ги заштитиме реките кои се извор на живот за природата и за нас“ – посочуваат.

Во врска со храната, велат дека е многу важно планирањето на домашното производство.

„Оваа ситуација ни покажа колку сме зависни од плодната почва која сме ја пренамениле за индустрија и згради. Секое парче земја станува важно, дури и просторот во дворот. Време е локалниот производител на храна да ни стане најдобар пријател. И самите можеме да направиме урбани градини кои ќе бидат центар на локалната заедница, ќе нѐ учат на заедништво, на солидарност и сплотеност“ – заклучуваат од „Еко свест“.