„Годишните планови за праведна транзиција мора да содржат јасни и мерливи индикатори за следење на напредокот. Тие треба да го следат намалувањето на емисиите на стакленички гасови, придонесот кон
националните климатски цели и намалувањето на производството на јаглен но и економски и социјални индикатори поврзани со квалитетот на живот и загадувањето“, смета Елена Николовска од Еко-свест. Граѓанските здруженија, на настан посветен на праведната транзиција во Битола во организација на Еко-свест од Скопје и МКЦ од Битола побараа поголемо учество и транспарентност, како и следење на индикаторите за мерките предвидени во годишните планови за праведна транзиција.
На настанот граѓански организации, синдикати, бизнис секторот и експертската јавност дискутираа за потребата од побрза, потранспарентна и поинклузивна имплементација на процесот на праведна
транзиција во земјата.
Во дискусијата беше истакнато дека имплементацијата на Годишните планови за праведна транзиција е од клучно значење, но и дека е неопходно воспоставување јасни индикатори кои ќе покажат дали процесот
навистина дава резултати.
„Земјите кандидати за членство во Европската Унија имаат потреба од дополнителна финансиска поддршка од ЕУ за успешно спроведување на праведната транзиција, особено во регионите со јаглен кои се најдиректно
погодени од енергетската трансформација.“ – рече Сашо Додовски од МКЦ Битола.
Учесниците побараа извештаите за степенот на имплементација на годишните планови за праведна транзиција, како и сите работни документи, да бидат јавно достапни и лесно пристапни за регионите со јаглен и за пошироката јавност. Се нагласи и потребата од финансиски средства за имплементација на плановите.
Амбасадорот на Шведска, Ола Солстром, ја истакна важноста од вклученоста на сите актери во овој значаен процес, а градоначалникот на Битола Тони Коњановски ја потврди континуираната заложба и работа на
Општина Битола во сите процеси кои се поврзани со понатаможниот развој на градот и регионот.
„Праведната транзиција не смее да остане само политички термин, туку претставува вистински тест за
тоа како ќе функционира енергетската транзиција во пракса и дали таа ќе биде праведна, инклузивна и одржлива за сите граѓани“, нагласија дискутантите.

Ознаки: Битола, јаглен, праведна транзиција, фосилни горива