„Еко-свест“: Планетата Земја ја доживува декадата на загадување и уништување, а човештвото не учи

Фото: „Еко-свест“

Глобалното затоплување, загадувањето на водите, почвите и воздухот, сечата на шуми и претераното искористување на природните ресурси доведоа до работ на уништување многу скапоцени екосистеми и видови, затоа оваа година темата на Денот на планетата Земја е „Обновена нашата Планета“, со цел да се подигне свеста дека ублажување и прилагодување кон климата не се единствени чекори кои можеме да ги преземеме – потребни се иновации во насока на зачувување и обнова на светските екосистеми, апелираат од здружението „Еко-свест“.

„Од една страна, можеме да кажеме дека Планетата ни возвраќа со пандемијата поради несовесниот и несоодветниот однос на човештвото кон природата и ресурсите, а од друга, гледаме дека човештвото одбива да ја научи оваа лекција и продолжува „по старо“. Во периодите на воведените рестрикции за движење се забележија најголемите штети по природата,“ вели Ана Чоловиќ Лешоска од „Еко-свест“.

Од таму додаваат дека планетата Земја ја доживува декадата на загадување и уништување, а нашите заштитени подрачја трпат сериозен притисок токму за време на пандемијата.

„Во светот се прават напори за зачувување и унапредување на зелените површини во градовите за да се создадат сложени урбани екосистеми кои ќе вршат повеќе функции – намалување на загадувањето, фаќање и прочистување на дождовна вода, спас од поплави како и големи зелени површини за инсекти и мали животни.Тоа е всушност главната потреба во моментот – светот да ја научи лекцијата од пандемијата и да го промени својот однос кон Планетата. Луѓето треба да разберат дека се интегрален дел од природата, а не нејзин господар. Без екосистемските услуги што ги дава природата – чиста вода, воздух и храна, луѓето нема да преживеат, согласно, заштитата на овие ресурси е од највисок приоритет,“ посочува Чоловиќ-Лешоска.

Таа смета дека едукацијата на идните генерации е клучна. Идејата дека садење нови дрвја за сметка на уништување на екосистеми стари векови ќе ни помогне во борбата со глобалното затоплување е погрешна и се напушта на глобално ниво. Она што е потребно е полагање напори во зачувување на постојните заштитени подрачја и обнова каде е најпотребно.