Еко-свест: Општините и граѓаните да се вклучат во намалување на емисиите на стакленички гасови

Илустрација: Еко-свест

Денеска се одбележува 21 септември како Меѓународен Зе Ден за намалување на емисиите на стакленички гасови во светот. По тој повод, од „Еко-свест“ велат дека општините треба да се вклучат во напорот за ублажување на влијанието на климатските промени. Од „Еко-свест“ посочуваат дека општините не располагаат со доволен капацитет и кадар којшто треба да ги спроведе мерките за намалување на емисиите на стакленички гасови.

Покрај општините, самите граѓани треба директно да се вклучат преку промена на секојдневните активности и негативното однесување. Како прво, пешачењето и користењето велосипед е директна мерка што може да помогне, исто како и штедењето на електричната енергија и користењето на сончевата енергија.

При пазарање, од „Еко-свест“ до граѓаните препорачуваат да користат платнена торба за пазарење наместо пластика, но и да ги реупотребуваат и рециклираат материјалите кои во секој друг случај би завршиле во отпад.

„Секој од нас секојдневно прави некаков избор, избираме средство за транспорт, извор на електрична енергија затоа мора да научиме дека ќе треба да се откажеме од комфорот и да имаме во предвид намалување на емисиите на стакленички гасови во секојдневните избори“, апелираат од „Еко-свест“ до граѓаните по повод одбележувањето на 21 септември како Меѓународен Зе Ден за намалување на емисиите на стакленички гасови во светот.

Инаку, клучен настан којшто треба да го определи справувањето со емисиите на стакленички гасови во глобални рамки е Конференцијата за климатски промени на ОН – КОП 26, која што од 31 октомври до 12 ноември треба да се одржи во Глазгов. Велика Британија, заедно со Италија, се домаќини на овој лидерски самит, на којшто светските лидери ќе треба да се обврзат на ветувањата од Парискиот договор од пред шест години, кога се договорија да се одржува растот на просечната температура на воздухот под 1,5 степени во меѓународни рамки.