„Еко свест“: Новите градоначалници да се обврзат дека ќе работат на нискојаглероден развој на општините

Фото: ДИЖС

Граѓанската организација „Еко свест“ апелираше до кандидатите за градоначалници во регионите во кои се врши експлоатација на јаглен, но и во другите општини каде има отворени рудници или индустриски капацитети со високи емисии на стакленички гасови, да се обврзат дека ќе ги почитуваат основните принципи на праведната транзиција.

Целта е да се поттикне и поддржи процесот на праведна транзиција во земјава, која, оценуваат активистите, има многу амбициозни политики за клима и енергија, но за тие успешно да се спроведат на централно ниво треба локалните самоуправи навремено и соодветно да ги превземат сите активности и мерки на локално ниво.

„Климатските промени се најголемиот предизвик за носителите на одлуки денес. Нивните последици веќе ги трпат заедниците во светот, особено во земјите во развој како нашата кои немаат финансиски средства да се справат со штетите и загубите. Земјите од Западен Балкан, од кои повеќето сè уште се зависни од јаглен и лигнит, сепак ја потпишаа Софиската декларација и се заложија да станат клима неутрални до 2050 година. Општините зафатени со овие процеси треба да бидат главните носители на процесите на праведна транзиција во земјата“, велат од „Еко свест“.

Тие потсетуваат дека најавеното продолжување со работа на ТЕЦ Осломеј е спротивно на заложбите кои земјата ги превзема токму со Софиската декларација и Зелениот договор за земјите од Западен Балкан како и со националните стратешките документи, а се коси и со високите климатски цели поставени во ревидираниот национален придонес кон UNFCCC. Тие сметаат дека потребата од стабилност и безбедност на енергетскиот систем во ниеден случај не го оправдува работењето на термоелектраните без соодветни мерки за заштита на животната средина.

„Било каква добивка која ќе ја имаме како резултат на продажбата на електричната енергија добиена од јаглен граѓаните кои живеат во близина на термоелектраните ја плаќаат со своето здравје, здравјето на своите деца и скусени години од својот живот. Разбираме дека набавката која се случува сега е интервентна, меѓутоа тоа значи и дека во ниеден случај не смее да се дозволи ова да стане пракса на сметка на забрзаното воведувањето на новите обновливи извори на енергија во системот за да се задоволат потребите“, апелираат од граѓанската организација.