„Еко свест“ ќе ги истражува штетите од каскадите по сливот на Пчиња

На крајот од проектот ќе биде изготвена научна студија која ќе ја постави основата за слични студии поврзани за евалуација на можностите за обновување на реките. Истата ќе се користи и како научен доказ за важноста на обновувањето на реките за здрави и поврзани екосистеми

Патишка река, една од локациите во земјава каде што е изградена мала хидроелектрана; Фото: Мета.мк

Центарот за истражување и информирање на животната средина „Еко-свест“ ќе работи на научно истражување во сливот на реката Пчиња, преку кое треба да се дојде до одговори колку се потребни или колку се штетни каскадите кои се градат во реките како застарени механизми за заштита од поплави и за формирање рибници.

Како што информираат од организацијата, за време на теренските истражувања ќе се проценуваат каскадите и нивните влијанија врз животната средина, врз биодиверзитетот, социо-економското значење и правниот статус. Сите собрани податоци ќе бидат внесени во база на податоци, што ќе овозможи систематска класификација на влијанието на каскадите и ќе даде насоки за нивно отстранување. Истовремено, однапред програмиран симулатор ќе овозможи проценка на должината на речната поврзаност постигната со отстранување на секоја од каскадите и влијанието врз биодиверзитетот како резултат на нивното отстранување, што на крајот ќе овозможи приоритизирање на каскадите што треба да се отстранат за да се постигне најголема можна поврзаност и на најзначајното позитивно влијание врз екосистемот.

„Методологијата, базата на податоци и симулаторот првично користени во случајот со реката Пчиња понатаму ќе се користат на национално ниво за сите речни сливови во земјата. Базата на податоци може дополнително да се пополни со податоци од други речни сливови и ќе служи за идните проекти поврзани со реставрација на реките“, вели Ѓорѓи Митревски, координатор за поддршка на заедници од „Еко-свест“.

На крајот од проектот ќе биде изготвена научна студија која ќе ја постави основата за слични студии поврзани за евалуација на можностите за обновување на реките. Истата ќе се користи и како научен доказ за важноста на обновувањето на реките за здрави и поврзани екосистеми.

„Овој проект е прв, поврзан со реставрација на реките преку отстранување на каскадите во земјата. Тоа ќе даде можност да се воведе отстранувањето на браните и каскадите како важен механизам за обновување на реките. Исто така, проектот ќе ги идентификува клучните експерти и засегнати страни за други слични иницијативи посветени за реставрација на реките“, смета Ана Чоловиќ Лешоска, извршна директорка на „Еко-свест“.

Проектот ќе се спроведува во партнерство со здружението Геобалканика со поддршка на Европската програма за отворени реки.