„Еко свест“ бара реките да се заштитат со закон, првата иницијатива е за Радика

Фото: Архива на Мета.мк

Радика ќе биде првата река во земјава за која ќе биде побарана правна заштита. Иако многу водотеци во земјава течат низ национални паркови или заштитени подрачја, ниту еден нема вистиска заштита, што резултира со злоупотреби од најразличен вид. Центарот за истражување и информирање во животната средина „Еко свест“ поведува иницијатива за почнување постапки за формално-правна заштита со закон на реки или делови од водотеци, за кои се утврдува дека се особено значајни за биодиверзитетот и околината. Ова веќе е практика во многу земји во светот, но и во регионот. Заштитени реки има и во Хрватска и во Србија, а познат е и примерот на Неретва во Босна и Херцеговина.

Ѓорѓи Митревски од „Еко свест“ вели дека законот за природа дозволува, како што се заштитуваат различни подрачја кои се од значење, исто така да се заштитуваат и реките или делови од нив.

„Кај нас нема ниту еден пример на заштитена река, а имаме повеќе случаи каде што има потреба. Постојат различни основи за тоа, а штом се стекне овој статус тогаш односот кон реката ќе мора да биде сосема поинаков, исто како што е кон заштитените подрачја“, посочува Митревски.

Радика е еден од ретките примери каде водотекот со сите притоки се наоѓаат во Националниот парк „Маврово“. Поминуваат и низ зоните на строга заштита и активно управување, но и покрај тоа самата река не ужива ист степен на заштита. Тоа остава можност да се злоупотребува на различни начини, што остава трага на биодиверзитетот и квалитетот на водата.

„Долниот тек на Вардар минува низ Демиркаписката клисура, низ ИБА регион, односно заштитено подрачје од значење за птиците. Околината на реката е заштитена со конвенција, но не и самиот водотек, кој е загаден со категорија 4 или 5, што е нелогично“, вели Митревски.

Законот за природа дава многу основи за заштита на водотеците, дури и оние кои се надвор од заштитените подрачја. Некои од нив, покрај природното значење и потребата да се заштити биодиверзитетот и околината, се и дел од културното живеење, вредностите и наследството на локалните заедници кои имаат традиции врзани за реките. Тоа, сметаат во „Еко свест“, е исто така добра основа да се заштитат од деградирачки активности како што се изградбата на енергетски објекти, експлоатацијата на песок, загадувањето со фекалии, измени на крајоликот и слично.

„Светскиот ден на реките што секоја година се одбележува во четвртата недела од септември, е добар повод да се потсетиме на нашиот однос кон водотеците. Разликите во третманот на река која е заштитена и која нема никаква заштита е огромна. Само како пример, откако е заштитена, на дел од Неретва дозволени се само некои спортски активности како рафтинг или рекреативен риболов и ништо друго“, нагласува Митревски.