Еко-мапа е новата алатка преку која граѓаните можат да пријавуваат еколошки проблеми

Фото: Архива на Мета.мк

Новата еколошка алатка за граѓаните, Еко-мапа, денеска беше презентирана на вториот ден од Националната конференција за клима, што е дел од проектот „Да зборуваме за климатските промени“ на Еко-свест, ЦНВП Македонија и ДЕМ, со финансиска поддршка на ЕУ. Оваа интерактивна алатка е создадена со цел да овозможи мапирање на различни еколошки проблеми на цела територија во земјава, кои потоа, преку граѓанскиот сектор и надлежните институции, заеднички ќе се решаваат и ќе се преземаат соодветни мерки. Целта е граѓаните, граѓанските еколошки здруженија и државните институции, меѓусебно да ги утврдуваат и разменуваат податоците и информациите за еколошките проблеми и да ги координираат активностите за нивно решавање.

„Изработката на мапата започна во 2020 година, а е финализирана годинава, по неколку сесии за подобрување на функционалноста. Еко-мапата е направена со комбинација од некои веќе постоечки мапи со локации од државните институции и таа претставува алатка за нотирање на еко проблемите и справување со климатските промени. Постојано ќе се надоградува и ќе содржи слики и настани од разни еколошки проблеми, кои и граѓаните ќе можат да ги пријавуваат, како на пример палење на шуми, горење отпад, диви депонии и слично. Податоците од пријавите на граѓаните ќе се анализираат, селектираат и ќе се достават до надлежни за да интервенираат“, рече на презентацијата на Еко-мапа Ангел Кузманов, координатор на проектот „Да Зборуваме за климатските промени“.

Тој со кусо видео го објасни пристапот до Еко-мапата, кој е стандарден, и рече дека таа постојано ќе се надополнува и проширува со листа на надлежни институции и нивни имеил адреси. Целта е секоја институција да има свои кориснички групи за комуницирање со пријавувачите на еко проблемите. Оттаму, Еко-мапата е поделена на генерални корисници, напредни корисници и администратори-одговорни за нови кориснички групи. Тоа е со цел, да се избегнат лажните пријави. Еко-мапата наскоро ќе биде достапна како апликација и на мобилен телефон, па така граѓаните ќе можат да сликаат некаков еколошки проблем и од лице место, да го пријават до надлежните. Во тек е и изработка на кратко, информативно видео што набргу ќе се презентира во јавноста и во училиштата.