Движењето „Еко герила“ упати повик до политичките партии, кои имаат кандидати за пратеници во шестата изборана единица, да ја потпишат иницијативата и да се обврзат дека во првите шест месеци од нивниот мандат во Собранието ќе работат на три главни точки кои се однесуваат на заштитата и на унапредувањето на животната средина во градот Тетово и во Полошкиот Регион.
„Проблемите вклучуваат трајно решение за депонијата во Тетово и пошироко во Полошкиот Регион, почнување на трансформирање на касарната во Тетово во градски парк и гаранција дека следната влада нема да дозволи повторно отворање на фабриката „Југохром“ до целосно поставување на филтри. Партиите и коалициите кои ќе потпишат треба да бидат свесни дека локалните избори се многу блиску, а оние кои нема да го потпишат треба да знаат дека парламентарините изборите се сега на 11 декември“, стои во соопштението од „Еко герила“.
Потпишувањето на документот е предвидено за понеделник во 11 часот, во просториите на „Еко герила“ во Тетово, од страна на претставници кои ќе ги именуваат нивните партии.