fbpx

„Еко Центар 97“ ги чистел опасните хемикалии во ОХИС по тендер од стечајниот управник, Маринко Саздовски

-

Компанијата „Еко Центар 97“ која се најде во центарот на инцидентот со излевањето на опасна материја (метил акрилат мономер) во кругот на ОХИС, тендерот за чистење на хемикалиите го добила уште во април минатата година, соопштија од Министерството за животна средина (МЖСПП).

Според нив, тендерот бил објавен на 11.04.2018 година од страна на стечајниот управник на АД ОХИС, Маринко Саздовски.

„Министерството за животна средина и просторно планирање не е сопственик/доверител на АД ОХИС Скопје и оттука не учествувало во постапките за избор најповолен понудувач“, додаваат оттаму.

По објавувањето на повикот, МЖСПП на барање на Основен суд Скопје 2 дало мислење во кое укажале дека ако дел од предметните хемикалии се вратат во промет потребно е да се земат предвид одредбите на Законот за хемикалии, а ако целата количина на хемикалиите се третира како опасен отпад потребно е да се постапува согласно одредбите од Законот за управување со отпадот.

По изборот, од „Еко Центар 97“ доставиле Писмо за намери а потоа министерството ги задолжило да изработат елаборат за оцена на влијанието врз животната средина, со цел да се оцени влијанието на активностите врз животната средина пред да започнат со спроведувањето на проектот.

Од подготвениот елаборат, кој министерството го сподели со јавноста, тие констатирале дека проектот за безбедно отстранување на хемиските материи од ОХИС нема да има значителни влијанија врз животната средина. Од „Еко Центар 97“ се задолжиле целосно и без исклучоци да се придржуваат кон пропишаниот режим и мерки за заштита предвидени во елаборатот.

МЖСПП, исто така, ги задолжиле „Еко Центар 97“ да изработат посебни планови за празнење, преточување на хемикалиите со мерки за заштита на работниците и животната средина и посебни процедури за постапување на терен, како и да изработат план за потребната оперма и садови за препакување, заштитната опрема и потребна опрема за следење на емисиите и процена на ризикот за работниците вклучени во изведувањето на проектот кој требало да бидат изготвени од страна на „Еко центар 97“ пред започнувањето на проектот.

МЖСПП информира дека реализацијата на сите предвидени мерки и активности биле обврска на „Еко Центар 97“, а надзорот над реализирањето на овие мерки е во надлежност на Државниот инспекторат за животна средина, кој утврдува дали се исполнуваат условите пропишани во елаборатот.

На денешниот брифинг со новинарите, инаку, надлежниот инспектор за животна средина Пејо Кировски ги информираше новинарите дека тој лично бил четири пати во инспекција на процесот на чистење на опасната хемикалија која во петокот ги вознемири жителите на околните скопски населби и не нашол никакви неправилности.

Од МЖСПП информираат дека изготвиле предлог измени на Законот за животна средина кои се веќе во владина процедура, а со кои законски се уредува начинот на формално идентификување на „контаминирано подрачје“ и праговите за степенот на загаденост.

Министерот за животна средина Насер Нуредини, заедно со заменик-министерот Јани Макрадули, раководителот на секторот за управување со отпад Ана Каранфилова Мазневска и претставници на Инспекторатот за животна средина на денешниот брифинг ја смируваа состојбата и ги убедуваа новинарите дека државата не е надлежна за отровните хемикалии во кругот на фабриката ОХИС, освен за справување со депониите на линдан.

Поранешниот хемиски гигант ОХИС е најприоритетниот еколошки проблем на државата за што веќе предупредуваа многу експерти. Аднан Ќахил, како министер без ресор и поранешен главен инженер во ОХИС, уште на почетокот на годинава во интервју за „Мета“ предупреди дека во фабриката има многу отровни супстанции, кои можеби се добро складирани но тоа не значи дека не треба да се отстранат бидејќи може да се случи инцидент и да протечат.

Еколошкиот проблем во ОХИС е стар скоро пет децении, а покрај двете депонии со 60.000 тони со пестицидот линдан помешан со земја во кругот на фабриката, во фабриката има и поголемо количество жива, метанол, хлор, винил хлорид итн. Пред околу еден месец, за прв пат од државниот буџет беа одвоени еден милион евра за справување со линданот. Во тек е и меѓународен тендер за чистење на малата депонија на линдан кој го објави УНИДО (Организацијата за индустриски развој на Обединетите нации). Тендерот требаше да заврши денеска, но во петокот, неколку часа пред јавноста да дознае за инцидентот со излевањето на течноста во ОХИС, УНИДО реши да го продолжи рокот за доставување понуди до 16 декември.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Норвешка донираше 76 неборбени моторни возила за Северна Македонија

Донација составена од седумдесет и шест моторни возила од Кралството Норвешка, официјално беше предадена на Армијата на Република Северна Македонија на пригодна церемонија која се одржа во касарната Илинден...