Еко активизмот е можност младите да ја земат иднината во свои раце

Фото: Гоу Грин

Заштитата на балканскиот рис, зачувување на природното и културното богатство на Охридскиот регион, борбата за почист воздух, намалувањето на влијанието на климатските промени, енергетската транзиција кон обновливи извори, зачувување на биодиверзитетот, справување со отпадот, воведување на циркуларна економија….

Листата на еколошки предизвици со кои се соочува нашата држава е долга, а заедничко за сите е што многу од решенијата за нив се креирани од млади еколошки активисти и организации. Еколошкиот активизам е една од најкорисните алатки за корекција на работата на институциите, а особено доколку се работи за креирање политики кои ќе треба да ја моделираат иднината и зелениот развој. Влијанието на поединецот или на мала група луѓе не може да се занемари, бидејќи и најмалата промена може да поттикне револуција.

Бројот на граѓански активисти и организации кои работат на полето на животната средина во земјава е мал, но нивното влијание низ годините е се поголемо. Тие апелираат до младите што повеќе да се вклучат во процесите на донесување на одлуки и да не дозволат некој друг да ја моделира реалноста во која ќе треба тие да живеат. Новите генерации, не само средношколците и студентите, туку и помладите, мораат активно да придонесуваат и да работат на зголемување на транспарентноста на работата на институциите и да ги актуелизираат состојбите во нивната животна средина. Во земјава има многу примери на еколошки активизам кои токму со нивното лобирање и притисокот кон политичарите довеле до поголеми позитивни промени.

Една од нив е и Ана Чоловиќ-Лешоска, извршна директорка на „Еко свест“ и добитничка на наградата Голдман за достигнувања во заштита на животната средина за заслугите кои таа и нејзините колеги активисти ја имаат за заштитата на Националниот парк „Маврово“. За неа тоа е печат на сите достигнувања во изминатиот период од две децении на работа и постоење на „Еко свест“, во кој организацијата остварила многу анализи и истражувања кои денеска се интегрирани во политиките на државата.

Ана Чоловиќ-Лешоска Фото: Еко свест

„За жал во нашето општество владее апатија и чувство дека индивидуалецот не може да смени нешто. Јас постојано работам да ги скршам тие сфаќања и сметам дека мислата и идејата може да произлезе од еден човек, а околу неа да се здружат многу луѓе и организации за да се постигне некаква цел. Секогаш им кажувам на младите дека за разлика од развиените општества каде што функционира системот, кај нас не е така, но токму поради тоа ние активистите и организациите имаме простор да бидеме кариката која недостасува. Граѓанските активистички движења се нешто што може да помести планини во општества како нашето. Нема поголема награда за еден индивидуалец да си надвор од системот, а да правиш промена“, вели Чоловиќ-Лешоска.

Ана е активист од тинејџерските години кога се поврзала со природата и разбрала дека сака да заштити нешто што нема свој глас и не може да се одбрани, како чистата вода, воздухот, дивиот свет… во кои сите уживаме, но ретко кој се залага да ги заштити.

„Мораме да креираме свесни млади луѓе кои ќе треба да станат одговорни граѓани. Нам ни несостасуваат граѓани кои ќе знаат кој ги носи одлуките и како ние да делуваме на тие одлуки. Сметам дека ако успееме да изградиме свесна младина ќе имаме поздраво општество во иднина“, вели Чоловиќ-Лешоска.

Горјан Јовановски е активист и креатор на апликацијата „Мој воздух“, која ја разбуди свеста кај граѓаните за состојбите со загадувањето на воздухот во градовите и ги поттикна институциите посериозно да се зафатат со решавање на проблемот. Како млад човек, Горјан се чувствува засегнат за иднината, но многу повеќе за сегашноста, бидејќи живее во актуелното опкружување, за кое смета дека мора да се бори да биде и почисто и поуредено. Тој вели дека младите не смеат да бидат неми набљудувачи на состојбите туку да ги земат работите во свои раце и да се вложат себеси да изградат подобра животна средина. Смета дека еколошкиот активизам кај нас е во зачеток и дека, иако имаме организации кои работат долги години, потребна им е масовност и поддршка од граѓаните.

Горјан Јовановски Фото: приватна архива

„Круцијално е секој млад човек да се активира за да придонесе сето ова да се промени. Младите мора да се мотивираат преку позитивни примери од нивната средина, модел да им бидат луѓе кои се вистински активисти за подобра и позелена иднина, а не оние ги паркираат скапите возила на трева или фрлаат ѓубре на улица. Тоа што го прават активистите е кул“, вели Јовановски.

Еко активизмот на Горјан започнува пред повеќе од осум години и е директно поврзан со активирањето на „Мој воздух“ и решавањето на аерозагадувањето во земјава. Вели дека љубовта кон природата ја носи од мал, а најголемиот импакт врз него го направиле професорите за време на школувањето во САД, заради што смета дека улогата на образовниот систем и родителите во едукацијата на младите за важноста на животната средина и потребата таа постојано да се чува е најголема.

„Личниот пример мора да биде вграден во процесот на учење, а децата континуирано директно да се инволвираат во активности. Така ќе создадеме нови генерации со огромна еколошка свест од кои земјата ќе има големи придобивки“, вели Јовановски.

Еколошкиот активизам не смее да биде само критикување, без притоа да се даде конкретен предлог или решение за некој проблем и со тоа да се влијае за позелено и подобро утре. Мила Јовановска од „Гоу Грин“ вели дека организацијата активно работи со младата популација на едукација за климатските промени и на креирање одржливи општини преку кои младите веќе даваат конкретни предлози до своите општини за проблеми од животната средина кои сметаат дека треба да се решат.

Мила Јовановска Фото: Гоу Грин

„Младите се осудени да ја живеат иднината за која одлуките ги носел некој друг. Заради тоа што порано ги вклучиме во процесот на одлучување и запознавање на процесите, толку порано тие ќе бидат подготвени конструктивно да допринесат и да го дадат својот глас и мислење во креирање решенија и одржливи политики“, вели Јовановска.

Таа информира дека „Гоу грин“ ќе отвори и онлајн платформа преку која сите заинтересирани млади ќе можат да се вклучат и да ги поминат курсевите за климатски промени и еколошки активизам. Организираат и многу локални активности и настани, герила акции и кампањи на социјалните медиуми, преку кои сакаат да ги привлечат младите да им се придружат и да се едуцираат на овите теми.

„Речиси сите организации се соочуваат со голем предизвик на активирање на младите после пандемијата со „Ковид 19“. Многу се неактивни и незаинтересирани и не наоѓаат смисла во ништо, малку веруваат во промени, особено дека една индивидуа или една група може да направи промена во системот“, вели Јовановска.