Получасовна блокада на влезот на скопската цементрница Титан Усје која на пладне се одржа во организација на Движењето за чист воздух денес беше во знакот на барањето на забрана за увоз и согорување на отпад. Насобраните граѓани побараа апсолутна забрана за увоз на каков било вид на отпад се до формирањето ефикански контролни механизми и примена на ЕУ директивите за контрола на индустриските емисии.

„Нема 24 часовен мониторинг ниту се мерат концентрацииите на сите штетни материи што се испуштаат во воздухот. Владата во својот План за чист воздух воопшто не го тангира проблемот со индустриското загадување, во земјава има 150 инсталации со А интегрирани дозволи и преку 400 со Б дозволи кои недоволно се контролираат, ние бараме да се применат европските начини на мониторирање и бараме тоа да се прави транспарентно“, рече Тони Никушевски, од „Движењето за чист воздух“.

Драги Змијанац од Првата детска амбасада Меѓаши рече дека тие го поддржуват протестот бидејќи сметаат дека мора да се стави крај на загадувањето чиишто најголеми жртви се децата.

„Сакам да ги потсетам политичарите дека децата имаат право на чист воздух и здрава животна средина, а загрозувањето на нивните животи е кривично дело. Загадувањето на воздухот денес е еден од најважните фактори за смртноста на децата, а денес секое второ дете во Македонија се лекува од респираторни проблеми“, рече Змијанац.

Пред околу стотина насобрани граѓани се обрати и Борис Хрисафов, извршниот директор на Цементарницата, кој веднаш на почетокот на собирот се појави меѓу присутните заедно со други членови на менаџментот на Цементарницата.

„Нашата компанија ги почитува сите прописи и стандарди, имаме филтри, а имаме и А интегрирана дозвола, на чиешто добивање потрошивме 70 милиони евра“, рече Хрисафов.

Тој им порача на собраните граѓани и активисти дека е убаво што се борат за чист воздух оти и неговата компанија се залага за тоа и ги покани да влезат и самите да се уверат какви стандарди во работењето користат во Цементарницата. Хрисафов изјави дека прифаќа незвисен мониторинг од сертифицирана институција, и напомена дека и таа ќе покаже дека тие не загадуваат.

„Катанец на Усје“, „Затворете ја фабриката“, Сакаме да дишеме“, беше одговорот на дел од присутните, од кои извесен број беа жители од околните куќи.

На обидот на директорот на Цементарницата да објасни дека сè што се согорува во погоните се контролира и е според законот, граѓаните му довикуваа за тоа дека се горат гуми и бараа од него да ги отвори балите со отпад кој е наменет за горење во фабриката.