Финансирањето на јавното здравство во Северна Македонија е зголемено, но системот и понатаму се соочува со хронични слабости – недостиг на медицински кадар, високи трошоци за пациентите и ограничен пристап до услуги, а тоа е еден од секторите кој е најподложен на корупција.
Ова е наведено во последниот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија, за делот кој се однесува на јавното здравство.
„Мој термин“ не функционира соодветно и не е поврзан со ФЗО
Според најновите податоци од Европската комисија, државата издвоила 5,07 отсто од Бруто-домашниот производ (БДП) за здравство во 2024 година, што е благо зголемување во однос на 4,8 отсто во 2023 година, но и понатаму под просекот на Европската унија. Иако примарната здравствена заштита е бесплатна и достапна за сите, сè уште нема доволен број специјалисти во државата, а медицинскиот кадар сè почесто заминува во приватниот сектор или во странство.
„Граѓаните и натаму плаќаат висока цена за здравствената услуга, односно, 41,7 проценти од вкупните трошоци паѓаат директно на товар на пациентите, што претставува сериозна пречка за еднаков пристап до здравствена заштита. Иако системот за е-здравство и мобилната апликација се унапредени, системот за закажување термини не функционира соодветно и не е поврзан со базата на податоци на Фондот за здравствено осигурување“, наведено е во извештајот.
Нема кадар и буџет за грижа за менталното здравје на младите
Сериозен предизвик претставува менталното здравје на младите, каде што недостигаат и кадар и буџет. Кампањите за рано откривање на рак продолжуваат, но опфатот останува ограничен, а Регистарот за рак бележи пораст на заболени и смртни случаи.
„Иако се планирани повеќе пари и нови лекови за ретки болести, тие опфаќаат само околу една третина од пациентите. Вакцинацијата е благо зголемена, а трансплантациите на крв, ткива и органи растат, но сепак, законската рамка сè уште не е целосно усогласена со европските стандарди“, се наведува во документот.
Здравството најподложно на корупција
Здравството, според Европската комисија, останува меѓу најподложните сектори на корупција.
„Иако се воспоставени критериуми за цени на услуги и лекови, и се подобрени процедурите за лекување во странство, истрагите за злоупотреби во инвалидските осигурителни шеми продолжуваат. Брисел препорачува засилена дигитализација, подобра транспарентност и јакнење на интегритетот во здравствениот систем, како предуслови за поефикасна и пофер здравствена заштита“, стои во извештајот.
Во документот има и дел кој се однесува на контролата на тутунот.
„Македонија го ратификуваше Протоколот за елиминација на нелегалната трговија со тутун, но казни за пушење во ресторани и јавни установи речиси и да не се изрекуваат. Комисијата укажува дека употребата на антибиотици останува висока, а нема напредок во заштитата од прекугранични здравствени закани. Потребно е целосно усогласување со европското законодавство за заразни болести“, пишува во извештајот.
