Во Извештајот за напредокот на земјата за 2020 година на Европската комисија интензивирањето на заложбите за саморегулација се посочува како фактор за напредок на професионалните стандарди и квалитетот на новинарството. Во делот поврзан со слободата на изразување, се нотира и формирањето на Регистарот на онлајн медиуми (promedia.mk) од страна на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), како механизам за саморегулација во оваа сфера низ доброволно приклучување на медиумите.

„Токму главната цел на овој Регистар е да ѝ помогнеме на јавноста полесно да препознае кои медиуми ги исполнуваат критериумите за членство и се придржуваат до стандардите на етичкото известување при своето работење и оваа идеја е препознаена од страна на Европската комисија,“ се вели во соопштението на ЗНМ по повод Извештајот на ЕК.

Генералната оценка во Извештајот, во однос на Поглавјето 23, во делот на слободата на изразување, е дека „земјата има одредено ниво на подготвеност / е умерено подготвена во областа на слободата на изразување и е постигнат ограничен напредок во текот на периодот на кој се однесува извештајот“. Понатаму, се додава дека „целокупната состојба и климата во која што дејствуваат медиумите остануваат генерално погодни за нивната слобода и овозможуваат критичко известување“.

„Но, сепак реалноста потврдува дека сè уште постојат ограничувања за слободен и непречен пристап на медиумите до информации, особено во контекст на кризата предизвикана од ковид-19, но и случаи во коишто извесен број на медиуми сериозно потфрлиле во исполнувањето на својата улога да информираат во интерес на јавноста,“ се додава во соопштението на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ).

Имајќи предвид дека клучните забелешки од Брисел се однесуваат, всушност, на проблеми што и СЕММ и ЗНМ ги нотирале, од таму апелираат да се засилат напорите, пред сè, од страна на институциите на државата во овозможувањето на услови за непречена работа на новинарите и на медиумите.

„Паралелно со тоа бараме и поголема одговорност во однос на етичкото известување на медиумите, особено во услови на општествени кризи и предизвици,“ велат од ЗНМ.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.