
Северна Македонија треба да продолжи да го испорачува спроведувањето на реформите поврзани со ЕУ, особено во судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал. Потребно е да се зајакне довербата во правосудниот систем.
Ова е содржано во извештајот на Европската комисија (ЕК) за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, усвоен денеска.
Комисијата денеска го донесе својот годишен таканаречен „Пакет за проширување“, кој содржи детална оценка за состојбата на напредокот во евроинтегративниот пат на десет земји – Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија, Србија, Грузија, Молдавија, Украина и Турција.
Северна Македонија е помеѓу одредено и умерено подготвена за примена на правото на ЕУ и европските стандарди во делот на судството и основните права, заклучува Комисијата во својот извештај за напредокот на земјава.
Се додава дека, генерално, е забележан ограничен напредок во зајакнувањето на судската независност и подобрувањето на правната рамка за заштита на основните права.
Во делот за функционирањето на судството, Европската комисија забележува дека најавите на новата македонска влада за плановите за распуштање на Судскиот и Советот на јавни обвинители предизвикуваат сериозна загриженост, бидејќи таквите активности ќе ја нарушат независноста на судството.
„Зголемениот дефицит на човечки ресурси во судството предизвикува загриженост за влијанието врз квалитетот и ефикасноста на правдата. Препораките на Комисијата од минатата година беа само делумно спроведени и затоа се во голема мера валидни“, стои во извештајот на ЕК за Северна Македонија.
Државата нема напредок во превенцијата и борбата против корупцијата, која останува распространета во многу области и е прашање што предизвикува сериозна загриженост, се вели во делот од извештајот за борбата против корупцијата.
Нотирано е клучното значење на новиот состав на Антикорупциската комисија, која „треба да дејствува со највисоко ниво на професионализам, интегритет и независност“.
„Треба да продолжи проактивно да обезбедува политички насоки за спречување на корупцијата и да работи на инклузивен и транспарентен начин. Нејзините препораки треба ефективно да се следат. За да се подобри работата на ДКСК, Јавното обвинителство, истражните центри и единиците за спроведување на законот треба да добијат дополнителни човечки ресурси и финансиска поддршка“, се заклучува во извештајот.
Дел од него се и измените на Кривичниот законик од септември 2023 година, за кои се вели дека ја ослабеле правната рамка и негативно влијаеле на борбата против корупцијата, особено на случаите на високо ниво.
„Многу такви случаи беа прекинати или поради истечен рок на застареност или поради тоа што конкретни прекршоци, како што е злоупотребата на службената положба при јавните набавки, веќе не постојат“, се наведува во извештајот.
Во извештајот на ЕК пишува дека спроведувањето на парламентарните и претседателските избори годинава било главно задоволително, а основните слободи биле почитувани. Се забележува дека е постигнат ограничен напредок во однос на адресирањето на препораките на ОБСЕ (ОДИХР) и на Венецијанската комисија.
Извештајот нотира дека македонското Собрание ги извршува своите овластувања на „претежно задоволителен начин“, но оти продолжи политичката поларизација во Парламентот, одложувајќи го усвојувањето на важни реформи.
За односите со соседите во извештајот посебен фокус е ставен на Бугарија и Грција. Европската комисија потенцира дека во последните месеци, изјави на одредени политичари влијаеа негативно на односите со Бугарија и се додава оти се потребни дополнителни напори за промовирање на атмосфера на дијалог и меѓусебно почитување.
„И покрај обидите, досега не е постигнат напредок во усвојувањето на уставните измени, со цел во Уставот да се вклучат граѓани кои живеат во границите на државата и кои се дел од други народи, како Бугарите, како што е наведено во Заклучоците на Советот од 18 јули 2022 година, кои земјата се обврза да ги започне и да ги постигне“, стои во извештајот.
Што се однесува до Грција, Комисијата посочува на моментот од заклетвата на претседателката Гордана Силјановска Давкова, кога таа ја презема функцијата и ја нарече земјата не според уставното име, туку само како „Македонија. Комисијата додава дека оваа „пракса потоа ја следеа неколку владини функционери, и тоа претставува главен проблем во спроведувањето на Договорот од Преспа“.
Од друга страна, Европската комисија посочува дека е интензивирана соработката за изградба на интерконекторот за природен гас меѓу Северна Македонија и Грција и во однос на Терминалот за течен нафтен гас (ЛНГ) во Александруполи.
Во делот „фундаментални права“ се вели дека нивната заштита е делумно усогласена со правото на ЕУ и европските стандарди, но се забележува дека не е постигнат напредок во однос на заштитата на личните податоци. Европската комисија подвлекува дека целокупната состојба во затворите останува страшна иако инфраструктурата во неколку затворски објекти била реновирана и подобрена.
Според Европската комисија, процесот на проширување на ЕУ се заснова на заслуги и зависи од објективниот напредок постигнат од секоја земја.
„Напнатиот геополитички контекст го прави попривлечно од кога било да го завршиме обединувањето на нашиот континент, под истите вредности на демократијата и владеењето на правото. Ние веќе направивме големи чекори во последните години кон интегрирање на новите земји-членки. А проширувањето ќе остане главен приоритет на новата Комисија“, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен при усвојувањето на Пакетот за проширување.