Институтот за демократија, ИДСЦС, Центарот за европски стратегии „Евротинк“ и Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ оценуваат дека фокусот на надлежните институции, на среден и на долг рок, треба да се стави на праведната транзиција на регионите зависни од јаглен, декарбонизацијата (елиминирање на фосилните горива и примена на нови одржливи обновливи извори на енергија) во сите сектори, дигитализација на системот и градење на економија во склад со природата, базирана на екосистемски услуги. Во таа насока, инвестициите во циркуларната економија, алтернативната енергија и одржливиот рурален развој и земјоделието, се неопходни за постигнување на овие цели.

Ова е нивна заедничката препорака, што треба да преземат институциите во врска со заклучоците од Извештајот на ЕК, во делот на „Зелениот договор“. Трите организации потсетуваат дека во „Зелениот договор“ (Green deal) во Извештајот, се наведува потребата за попосветена и синхронизирана акција од надлежните институции во заштитата на животната средина. Проблемите со аерозагадувањето, уништувањето на водните текови и природата и нерегулираното постапување со отпадот се само неколку од горливите проблеми во ова поглавје, коментираат организациите, но  и покрај неговата голема важност, континуирано не го добива потребното внимание и финансиска поткрепа.

„Градењето на отпорни и одржливи економии, паралелно со заштитата на животната средина и човековото здравје се главните елементи на зелениот договор и зелената агенда за Западен Балкан. Оттука, Северна Македонија, предводејќи го регионот со својата нова Енергетска стратегија и нејзиното зелено сценарио, има можност да стане пример за државите од регионот- доколку се посвети на интегрирање на климатска акција во сите пори на општеството, и обезбеди соодветно фондови за финансирање на забрзаната трансформација на нашата индустрија“, потсетуваат овие организации на заклучоците во Извештајот.

Во нивната заедничка анализа на Извештајот, меѓу другото, трите организации посочуваат дека треба да постои клучна институција за политички дијалог, за сметка на лидерските средби, како и да зајакне надзорната функција над извршната власт, што треба да биде главен фокус на Собранието. ИДСЦС, „Евротонк“ и „Еко-Свест“ посочуваат дека се залагаат за активно вклучување на граѓанското општество во пристапните преговори, преку учество во владините работни групи за утврдување на нацрт преговарачките позиции, како и во работата на собраниските комисии и тела кои вршат надзор врз работата на Владата во делот на евроинтеграциите., стои во нивното соопштение.

Во врска со правосудството, оценуваат дека во наредниот период потребно е институциите да работат фокусирано на најранливите области и случаи кои, покрај вклученост на функционери, предизвикуваат и најголеми штети и несигурност во правдата и институциите. Потребно е реформирање на Агенцијата за разузнавање и единицата за воена (разузнавање) безбедност, преку транспарентен и партиципативен процес, недостигот на парламентарен надзор над безбедносно-разузнавачките служби, а во врска со борбата против организираниот криминал,оценуваат дека главните предизвици во претстојниот период се во операционализацијата на конфискацијата на противправно стекнатиот имот, но и борбата против финансискиот криминал и перењето пари.