ЕК ќе го објави извештајот за Македонија, се очекува препорака за отворање на преговорите


       
Стразбур, 17 април, 2018 - 10:04 (META) 

Европската комисија денеска во Стразбур ќе го објави Извештајот за состојбите и напредокот на Македонија на евроинтегративниот пат.

ЕК повторно препорачува отворање на пристапните преговори со Македонија, а извештајот за напредокот на земјата е меѓу попозитивните во овој пакет на Брисел, кој, како што стои во извештајот, „јасно ја препознал политичката волја за напредок“, јавија вчера дописниците на Радио Слободна Европа (РСЕ) од Брисел, кои имаа увид во документот.

Во него се предупредува дека „штетата која се правела години наназад, не може да се среди преку ноќ“, но дека земјава ја надминала длабоката политичка криза и дека структурните реформи се долг процес кој може да потрае.

Денеска, заедно со објавувањето на Извештајот на ЕК истече и периодот за имплементација на „Планот 3-6-9“, а деталниот фактографски извештај за неговата имплементација, вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, вчера му го предаде на евроамбасадорот Самуел Жбогар.

– Реализиравме преку 90 отсто од предвидените реформи во „Планот 3-6-9 “и 100 проценти од неговата суштина. Планот ја постигна неговата цел и ја врати земјата на евроатланскиот пат – рече Османи, кој како што кажа, денеска очекува убави вести од Брисел за Македонија.

Од Секретаријатот за европски прашања потсетуваат дека „Планот 3-6-9“ беше усвоен во јули минатата година и дека неговата цел била да се одмрзне реформскиот процес и враќање на државата на евроатланскиот пат.