fbpx

EK: Да се дозволи влез на приватни компании во железничкиот превоз и да се забрза изградбата на Коридорот 8

-

Во областа на транспортот и трансевропските транспортни мрежи, земјава е умерено подготвена, при што ограничен напредок е постигнат во изминатата година, оценува Европската Комисија во најновиот Извештај за реформскиот напредок на Северна Македонија за 2021 година.

Критиките од минатогодишниот извештај се провлекуваат и годинава во однос на конкретни теми од транспортот. Па така, Европската Комисија бара да се имплементираат реформи во железничкиот сектор, така што ќе се отвори пазарот за влез на нови компании што ќе може да сообраќаат по нашите пруги. Либерализацијата во делот на железничкиот превоз е барање на ЕУ и од минатите години, а монополот во моментов го држи државната компанија Железници на РСМ-Транспорт.

Ограничен напредок е направен и во изготвувањето на акциски план што ќе ја надополни Националната транспортна стратегија 2018-2030 година, а не е воспоставено ниту независно тело за истражување на железничките несреќи.

Во делот на Интелигентните транспортни системи, и во најновиот Извештај се бара усвојување на легислативата на ЕУ и вложување на напори за да се донесе стратешка рамка за имплементација на Интелигентните транспортни системи (ИТС). Досега е имплементиран единствено на автопатската делница Демир Капија-Смоквица, а допрва треба да се воспостави ваквиот систем долж целиот автопат на Коридор 10.

Во делот на заедничките железнички гранични премини, Европската Комисија забележува дека договорот со Грција и понатаму е непотпишан, додека она што е потпишано со Косово не вродило со отворање на еден ваков премин кај Блаце-Елез Хан.

Најдиректна критика во Извештајот за реформскиот напредок за 2021 година е даден во однос на изградбата на пругата кон Бугарија. Се бара под итно да се подобри имплементацијата на работите на железничкиот Коридор 8.

„Дополнителни и итни напори се неопходни за да се забрза напредокот во сите фази на железничкиот коридор и другите приоритетни секции на мрежата како во делот на железницата, така и во делот на патиштата“, се наведува во Извештајот на ЕК.

Европската Комисија наведува и дека не е постигнат напредок во усвојувањето на петгодишен план за одржување на патиштата и железничката инфраструктура.

За ваквите критики во делот на транспортот и трансевропските коридори, Мета.мк минатата недела побара став и од Владата на РСМ, но до денешен ден не добивме одговори на поставените прашања од наша страна.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Зеленски не ја вовлече Украина во војна

Украина не е таа која сака војна, ниту, пак, украинскиот претседател Зеленски ја вовлекол земјата во војна, како што неточно тврди објавата. Русија ја нападна Украина, а таа има...