Европската комисија денес ја усвои новата методологија за проширување на Европската Унија (ЕУ) кон земјите од Западен Балкан. За Македонија и Албанија новата методологија врз чија основа ќе се водат преговорите ќе биде задолжителна, додека Србија и Црна Гора ќе треба сами да одлучат по кој систем ќе ги продолжат преговорите со ЕУ во наредниот период.

На прес-конференција по усвојувањето на новата методологија, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи посочи дека проширувањето на ЕУ останува врвен приоритет на Европската комисија. Тој додаде дека новата методологија се темели врз четири основни принципи: кредибилност, посилно политичко водство, динамика и предвидливост.

– Ќе имаме шест групи на прашања во кои ќе ги спроведуваме преговорите. Тоа исто така значи дека овие преговори ќе бидат многу поразновидни, покомплексни што всушност ќе им даде поттик на земјите аспиранти да ги забрзаат реформите. Исто така би требало да се создаде и можност да се движиме побрзо ако тие ги исполнуваат побрзо – изјави Вархеи.

Тој посочи дека преговорите за приклучување во ЕУ ќе бидат многу посеопфатни, што пак ќе овозможи земјите да се движат побрзо ако ги испорачуваат реформите побрзо. Преговорите ќе се отворат со групата за владеење на правото и со оваа група на прашања ќе бидат затворени пристапните преговори, посочи еврокомесарот Вархеји. Со новата методологија се предвидуваат санкции за земјите кои покажале назадување во одредени области, што би биле во форма на укинување на дел од европските фондови.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров изјави дека новата методологија ќе придонесе за зајакната политичка димензија, но исто така и за повеќе динамизам, предвидливост и кредибилитет на процесот.

– Веруваме дека овој обновен пристап ќе резултира со двојна победа во наредните недели: отворање на преговорите заедно во усовршен процес. Ние, во регионот, немаме од што да се плашиме од воведувањето на реверзибилноста. Најпосле, пристапниот процес постои да ги трансформира реалностите на теренот кон подобро. Повеќе бенефиции за реформаторите и повеќе санкции за тие кои одат назад врз основа на кредибилна објективна оценка за напредокот е чекор напред – изјави Димитров.